Веднаш на почетокот да ви кажам дека има два основни начини за приготвување на туфахиите, можеби има и повеќе, но ова се двата кои јас ги знам: едниот е да ги зготвите јаболката во сирупот, а вториот начин е да ги испечете во рерна, па отпосле да ги потурите со сирупот.
Ви ги претставувам двата начини, па вие одберете кој повеќе ви одговара.
РЕЦЕПТ 1
Потребни состојки:
10 убави јаболка
100-150 г мелени ореви (може и повеќе ако сакате повеќе на орев да биде полнењето)
2 лажици мед (може и без мед, во тој случај користете шеќер)
500 мл слатка павлака за шлаг
500 г шеќер
500 г вода
1 ванилин шеќер
Постапка:
Оревите измелете ги и додадете им мед и половина од изматената павлака. Убаво соединете.
Во еден сад сварете го сирупот од вода и шеќер.
Јаболката измијте ги, излупете ги и ставете ги во сирупот, па оставете да се готват околу 10 минути.
Внимавајте да не претерате за да не ви се распаднат јаболката.
Вадете ги внимателно со решетка и филувајте ги со смесата од ореви.
Одозгора декорирајте ги со шлаг и ореви.
САРАЕВСКИ ТУФАХИИ СО КАРАМЕЛ – РЕЦЕПТ 2
Туфахии за првпат јадев во Сараево, во хотелот „Европа“, во кој 70-тите години од минатиот век се јадеа најубавите туфахии во ЕX YU. Кога сакав сама да ги направам, наидов на проблем бидејќи не можев да го пронајдам рецептот во ниту еден од старите готвачи.
А бидејќи тогаш немаше компјутери и Интернет, морав да импровизира. Дури многу подоцна го дознав вистинскиот рецепт. За подарок добив Босански готвач во кој имаше рецепти за многу слатки во сируп за кои првпат слушнав, па тука ги пронајдов и моите туфахии. Е, кога ги направив, ги препознав истите што некогаш ги јадев во Сараево.
Потребни состојки:
6 јаболка (грени смит)
150 г шеќер
80 г мелени ореви
За сируп:
100 г шеќер
50 г вода
И уште:
2-3 лажици карамел (домашен или купечки)
150 мл шлаг
Постапка:
Јаболката излупете ги и издлабете ги (по желба можете да го оставите врвот) па извалкајте ги во шеќер. Редете ги во плех обложен со хартија за печење.
Оревите и остатокот од шеќерот измешајте ги и полнете ги јаболката. Покријте ги добро со фолија и печете на 200 степени околу 30 минути. Тргнете ја фолијата и печете уште 5 минути за да фатат боја јаболката и оревите.
Печените јаболка извадете ги на тацна да изладат.
Во еден сад ставете вода, додадете шеќер, па нега се вари додека шеќерот целосно да се растопи и да згусне сирупот. Прелијте ги туфахиите.
Пред служењето туфахиите украсете ги со шлаг и прелијте ги со карамел кој треба малку да се загрее за да се разреди.