Трилече како од слаткарница. Потребни состојки: 5 белки, 5 жолчки, 500 г специјално брашно за трилече, 100 мл ладна вода, малку путер за премачкување на садот за печење (и плус хартија за печење).
За прелив ќе ви биде потребно: 150 г млеко во прав, 300 мл млеко, 250 мл слатка павлака и уште 1700 мл млеко. На крај ќе ви биде потребно и 300 г крем карамел кој можете да го купите и готов од продавница.
Постапка: Одвојте ги белките од жолчките. Јајцата треба да бидат барем еден час на собна температура. Добро изматете ги со електричен миксер додека да добиете густ снег. Потоа, една по една додавајте ги жолчките и матете додека целосно да се соединат во снегот.
Потоа намалете ја брзината на миксерот, па постепено лажица по лажица додавајте од специјалното брашно за трилече, вкупно половина килограм (ова брашно можете да го најдете во поголемите маркети, а на самата амбалажа е обележано со фотографија дека е наменето токму за овој колач).
На крај кога смесата ќе се изедначи, постепено додајте 100 мл ладна вода и продолжете со матење. Пригответе го плехот за печење: треба да биде со димензии од 40х25 см или приближна величина, па намастете го со путер и обложете го со хартија за печење.
Во вака приготвениот плех рамномерно излејте го тестото и израмнете со протресување. Ставете да се пече во добро загреана рерна на 250 степени околу 10 минути. После 10 минути намалете ја температурата на 150 степени и продолжете со печењето уште 15 минути.
За тоа време пригответе го млечниот прелив: во тенџере ставете 150 г млеко во прав, 300 мл млеко и 250 слатка павлака. Добро промешајте со жица маталка за да се разбијат грутчињата од млекото во прав. Мешајте некое време додека убаво да се измазни смесата.
А потоа додајте уште 1700 мл млеко (вкупно се потребни два литра млеко) и тенџерето ставете го на оган да се загрее. Мешајте постојано, млекото треба да се загрее, но не смее да зоврие. За тоа време печениот колач извадете од рерната и оставете го 10 минути да се олади.
Извадете го од садот, превртете го и повторно вратете го во истиот сад, па отстранете ја хартијата од него внимателно. Со дрвена чепкалка, а најдобро стапче за ражнич избоцкајте го густо пандишпанот на повеќе места за да може убаво да го прими и впие млечниот прелив.
Одозгора со помош на кутлача прелијте го рамномерно со топлото млеко преку целата површина. Колачот ќе пливне во млекото, но не грижете се, така треба да биде. подоцна поголемиот дел од млекото ќе го впие, но сепак малку и ќе остане за да ја одржува сочноста.
Оставете го колачот настрана да се олади и почекајте убаво да го впие млекото, неколку часа. За тоа време извадете го карамелот на собна температура и добро измешајте го со лажица.
Рамномерно нанесете го врз колачот и израмнете. Оставете го колачот два часа во фрижидер. Откако добро ќе излади, можете да го сечете на коцки со големина по ваша желба и да го послужете. Ќе уживате во неговиот освежителен и сочен вкусен.