На наше огромно задоволство, нашата драга Рада Крстевска нè потсети на ова традиционално јадење кое беше објавено во нашата заедничка група НМД рецепти. Фотографија и рецепт на Рада Крстеска. Потребни состојки: 1 кг брашно, 3 лажички сол, 2-3 лажици масло, ½ лажичка сода бикарбона, ладна вода по потреба, 600 г ситно сирење (изварка) за наросување, 250 мл масло за наросување на корите
Постапка: Во поголем сад ставете го брашното, солта, малку сода бикарбона, 2-3 лажици масло, па постепено додавајте ладна вода. Се меша со жица за матење, а вода се додава додека да се добие смеса малку поретка од онаа за палачинки. Смесата се остава неколку часови, но најдобро е да се остави преку ноќ, а корите да се печат следниот ден.
Од оваа смеса со кутлача се излива во специјална тепсија за питулици (бакарна) бр.35 која веќе е загреана на оган, па кората се пече од едната страна, се превртува и се пече од другата страна, исто како што ги печеме палачинките. Печените кори се вадат на страна и постапката се повторува додека целата каша да се потроши.
Од 1 кг брашно во оваа тава излегуваат околу 25 кори, што значи дека се прават во обична тефлонска тава 26-28 см, се добиваат 30 кори-палачинки. Во еден сад ставете околу 250 мл масло, а во друг ситното сирење, па започнете со редењето на палачинките, но во метален плех – тепсија со величина на готовите кори.
Се става кота, се наросува со масло околу 2 лажици, па со рака наросуваме сирење и постапката ја повторуваме додека да се потрошат корите. На последната кора не се става ништо. Со остар нож се сечат питулиците на коцки, а може и на осмини како бирек.
Се става во претходно загреана рерна на 200 степени и се пече околу 20 минути додека малку да зарумени на површината. Најдобро е да се сочува една кора која ќе се стави после сечењето како прекривка одозгора, за тие одоздола да останат меки. Совршено одговара со кисело млеко или јогурт, а питулиците се најубави кога се топли.
Фото и рецепт: Рада Крстеска