Оваа торта ја правев повеќепати и секогаш излегува супер, со овој рецепт не можете да погрешите. Ја правев со домашни капини, брусници, малини и вишни, а како омилена се покажа токму онаа со мешано шумско овошје.
Потребни состојки: 250 г меко брашно, 100 г шеќер, 1 кесичка прашок за печиво, 1 кесичка ванилин шеќер, 80 г путер, 1 јајце. За фил: 500 мл млеко, 2 кесички пудинг со вкус на ванила, 200 г шеќер, 800 г милерам (или масна кисела павлака/ свежо сирење/крем сирење, на пример Маскарпоне) и овошје по свој избор, прелив за торта/желатин
Постапка: од наведените состојки замесете меко и ровко тесто, па оставете го во фрижидер околу 45 минути. Потоа развлечете го и ставете го на дното од тркалезен калап (26) претходно намастен со путер и набрашнет.
Напомена: ако тестото ви е многу суво, се рони, додајте уште една лажица кисела павлака, малку путер, или што и да ставите нешто влажно нема да погрешите, но најважно е сами да оцените…
Во млекото сварете го пудингот со шеќер (вообичаено, односно како што е наведено на амбалажата, со тоа што се користи помала количина на млеко за да биде погуст пудингот).
Сварениот пудинг кога ќе се згусне тргнете го од оган и додека е сè уште врел во него ставете го милерамот и промешајте за убаво да се инкорпорира и да се изедначи смесата.
Веднаш истурете го кремот врз тестото во калапот, израмнете со протресување, па преку филот ставете овошје по желба (овошјето можете да го ставите и на крај, кога тортата ќе биде испечена и да го фиксирате со желатинот). Вака подготвената торта ставете ја да се пече 70 минути во претходно загреана рерна на 170 степени.
Добро изладете ја, најдобро преку ноќ и тогаш прелијте со желатин или готов прелив за торти, приготвен според упатството на амбалажата..Кога тортата ќе ја извадите од рерна филот ќе се тресе и ќе „мрда” како желатинозна материја, ама тоа нека не ве загрижува, како ќе се лади тој ќе се стегнува. Прочитајте го и следниот рецепт за чизкејк без печење:
БРЗА И ЛЕСНА: Овошна торта без печење, за половина час е готова
Нашата драга пријателка Рената Трајчевска овојпат ги надмина очекувањата на сите и направи чизкејк за сите пофалби! На ова ремек дело можат да и позавидат и најреномираните слаткарници во светот.
Таа првпат го приготвува овој колач, а за вкусот вели: “Го видов рецептот на интернет и го направив со мали измени, по мој вкус го приготвив со крем сирењето „Маскарпоне“.
Не можам да ви објаснам колку е добар вкусот, свиленкаст со различни текстури, секој слој се топи во уста и се чувствуваат различни вкусови од путерот, павлаката, маскарпонето, портокалот, шумското овошје, јагодите и ванилата…senza parole…”, објасни Рената Трајчевска.
Инаку, чизкејкот е извонреден десерт кој е исклучително популарен во светот. Токму поради неговата популарност, постојат многу различни верзии прилагодени според вкусовите на различните нации.
Составен е од два дела: основа, направена главно од трошки од чајно печиво, бисквити или кекс и фил, направен од засладено меко сирење или крем сирење. Во Америка за приготвувањето на чизкејк најчесто се користи крем сирење, а во Италија сирење рикота или маскарпоне.
За да има уште побогат вкус, озгора се става свежо овошје, исечкани јаткасти плодови или пак слатко од овошје. Рецептот на Рената Трајчевска го испробавме и мора да го искоментираме: не само што многу брзо се приготвува, туку и навистина има одличен вкус! Вреди да го испробате…
Потребни состојки: 400 г мелени плазма бисквити, 200 г растопен путер и 1 портокал – сок. За бел крем: 500 мл течна павлака (хопла), 120 г шеќер, 500 г крем сирење маскарпоне, 2 лажици ванилин екстракт, 20 г желатин, 10 лажици ладна вода и 100 мл врело млеко
За овошен прелив: 400 г малини (или по желба шумско овошје, или друго бобесто овошје по ваш избор), 100 мл вода, 3 лажици шеќер, 10 г желатин и 5 лажици ладна вода.
Постапка за приготвување на подлогата: во еден сад се ставаат мелените плазма бисквити и се прелеваат со 200 г растопен путер и сок од еден портокал. Се натапкува на дното од калапот за торти.
Постапка за приготвување на белиот крем: се мати 500 мл хопла со 120 г шеќер. Кога ќе се добие цврст шлаг се додава крем сирењето и две лажици екстракт од ванила. Добро се мати заедно додека да се изедначи.
На страна се растопува 20 г желатин со 10 лажици ладна вода, па откако ќе се растопи и набубри се меша со 100 мл врело млеко. Убаво се промешува и се додава во изматениот крем.
Промешаниот крем се распоредува рамномерно врз бисквитната подлога. За овошен прелив: 400 г шумско овошје (или малини, боровинки) се прелеваат со 100 мл вода и 3 лажици шеќер. Се остава да зоврие убаво.
Се трга од оган и се додава 10 г желатин претходно растопен со 5 лажици вода. Се остава малку да подизлади па се прелива врз белиот крем. Се остава неколку часа за да се стегне на ладно или во фрижидер. / Фотографија и рецепт на Рената Трајчевска