Направете ја оваа кремаста и неодолива торта, чија подготовка нема да ви одземе повеќе од половина час. Не се пече, ниту кремот се готви. Сѐ се подготвува со миксер, па нема да извалкате ни многу садови за да ја направите. Вкусот на оваа торта со кикирики е фантазија.
Рецептот го имам веќе 10 години, а неодамна им ја подготвував на соседите, кои минуваа низ тежок период. Постојано си помагаме и живееме повеќе од 30-тина години едни со други, па кога првпат ја пробаа, ме замолија да им ја направам уште еднаш, зашто била многу вкусна, а на нивните гости многу им се допаднала. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ОСНОВАТА: 270 г бисквити, 100 г (7 лажици) стопен путер. ЗА ФИЛОТ: 2 1/3 чаши (525 г) кремасто сирење, 1½ чаши (187 г) шеќер во прав, 1 чаша (250 г) путер од кикирики, 1 лажичка екстракт од ванила, 1/2 чаша (120 мл) крем за готвење – неутрален. ЗА ЧОКОЛАДНАТА ГЛАЗУРА: 2/3 чаша (160 мл) крем за готвење, 125 г темно чоколадо.
ПОСТАПКА: Во обичен блендер скршете ги бисквитите на средни парчиња и сомелете ги во прав, без поголеми грутчиња. Доколку не ви ги собира сите одеднаш во блендерот, поделете ги и мелете ги на неколкупати. Потоа во измелениот прав додајте растопен путер и повторно соединете во блендерот додека смесата да добие конзистентност на влажен песок.
Вака подгответената смеса истресете ја на дното од плех со флексибилен обрач (23 см), израмнете и натапкајте ја рамномерно. Тоа направете го со раце, лажица или задниот дел на чаша. Ставете во фрижидер додека го правите филот.
ЗА ФИЛОТ: Во поголем сад за матење пенасто изматете ги крем сирењето и шеќерот во прав. Матете додека да се изедначи и да се добие кремаста структура. Потоа додајте го растопениот путер од кикирики, екстрактот од ванила и повторно изматете додека смесата да биде еднолична.
Додајте ја густата павлака и изматете уште 2-3 минути до соединување. Кремот треба да биде мек, воздушест и лесен. Истурете го кремот врз основата и израмнете. Ставете повторно во фрижидер најмалку 6 часа или преку ноќ за добро да се стегне. Доколку ви се брза, можете да ја ставите тортата во замрзнувач на пократко време.
ЗА ЧОКОЛАДНАТА ГЛАЗУРА: Во мало тенџере ставете густа павлака да се загрее, тргнете ја од оган пред зовривање и додајте сечкано чоколадо. Оставете да отстои 1 минута и мешајте додека чоколадото да се стопи и ганашот да се изедначи. Оставете малку да се излади и прелијте врз чизкејкот.
Глазурата можете да ја сипувате директно во тавата со обрачот или да ја отворите, а потоа да ја прелиете, така што ќе се разлее и од страничните делови на тортата. Ставете во фрижидер најмалку 1 час пред сервирање.
Тортата не содржи желатин, па затоа нема да биде многу стабилна. За подобри резултати замрзнете ја тортата 1 час пред да ја послужите. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.