Уште веднаш штом го видов рецептот одлучив да ја направам оваа торта, зашто ми се допаднаа состојките, а случајно домав имав и бадеми. Толку многу вкусна излезе тортата што уште истиот ден целата ја изедовме, па следниот ден ја повторив и ја направив со ореви наместо со бадеми.

Не можам да одлучам која верзија повеќе ми се допаѓа, зашто и двете и се предобри. Излегува доста, па може да се направи во тркалезен калап како торта или во правоаголна тепсија и да се сече како колач. Рецептот го видов од „Моје грне“, а еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за бисквит: 180 г шеќер кристал, 8 белки, 5 жолчки, 220 г мелени бадеми или ореви, 1 кажица ситно мелено кафе („турско“). ЗА ФИЛ: 3 жолчки, 250 г шеќер во прав, 300 г мелени бисквити, 100 мл јако сварено и оладено кафе, па процедено (најдобро низ газа), 250 г путер или маргарин, 100 г чоколадо за готвење, мелени бадеми или ореви за декорација




ПОСТАПКА: Белките пенасто изматете ги во цврст снег додека убаво да згуснат. Во посебен сад изматете ги жолчките заедно со шеќерот. Матете доволно долго додека шеќерот да се растопи, а жолчките да осветлат и да станат кремасти.




Додајте неколку лажици од снегот од белки, па нежно промешајте со лажица додека да се соедини. Лажица по лажица додајте го сиот снег од белки во изматените жолчки и на ист начин мешајте со бавни движења, со превртување на смесата од долу нагоре, додека да се изедначат двете смеси.




Во пенливата смеса додајте го ситно меленото кафе и мелените бадеми или ореви, па промешајте за да се изедначат. Големиот плех од рерна обложете го со хартија за печење (јас секогаш ја премачкувам многу тенко и со кокосово или обично масло, но не мора).




Смесата рамномерно распоредете ја во подготвениот плех и ставете да се пече во добро загреана рерна на 180 степени приближно 15-20 минути. Најдобро е да проверите со чепкалка, зашто од рерна до рерна може да варира времетраењето на печењето.




Печената кора оставете ја целосно да се олади во плехот, а потоа внимателно отстранете ја хартијата и пресечете ја на три еднакви дела за да добиете три кори. Доколку корите ги сакате посочни, сварете јако кафе и оставете го да се олади, а потоа малку ќе ги натопувате при филувањето на тортата.




ЗА ФИЛ: Жолчките пенасто изматете ги со неколку лажици шеќер, а потоа сварете ги на пареа (садот во кој ги матите ставете го врз поголем во кој има загреана вода). Кога ќе згуснат како крем, после 5-8 минути, тргнете ги настрана и оставете ги да се оладат до собна температура.




Во оригиналниот рецепт се соединуваат сирови заедно со путерот и шеќерот, но јас секогаш термички го обработувам. Путерот пенасто изматете го заедно со остатокот од шеќерот, па во него додајте го оладениот крем од жолчки.




Чоколадото растопете го на пареа и додајте го во изматениот крем, а можете да го додадете и претходно, при крајот на „варењето“ на жолчките на пареа, па да ги соедините во тој момент. Во кремот од жолчки, путер и чоколадо додајте изладено, процедено кафе и повторно изматете. Додавајте го постепено, до посакуваната густина.




На крај додајте ги мелените кекси и изедначете. РЕДЕЊЕ: кора, фил..а по потреба натопувајте ги корите (не мора, според оригиналниот рецепт не се натопуваат). Одозгора наросете со мелени бадеми или ореви и декорирајте по желба. Тортата добро изладете ја во фрижидер пред послужување.