Многу брза и едноставна торта која можете да си ја правите секој ден, а многу е вкусна и може убаво да се декорира, па да ја послужите и за разни свечености. Кога и да ја направам, многу брзо се изедува и сите ми бараат репете, а после и рецепт.




Потребни состојки: 450 г мелени бисквити, 250 г мелени ореви, 1,5 кг банани, 4 жолчки, 250 г шеќер во прав, 250 г путер, 100 г чоколадо за готвење, 300 мл слатка павлака, 300 мл сок од портокал, 1 лимон – сок




Постапка: мелените бисквити прелијте ги со сок од портокал и добро промешајте. Во посебен сад пенасто изматете ги жолчките заедно со шеќерот. Матете додека да згусне смесата и да се растопи шеќерот.




Изматете ги жолчките на пареа неколку минути за да бидат термички обработени, а потоа оставете ги на страна за да се оладат. Во оригиналниот рецепт се ставаат живи жолчките и се матат со путерот и шеќерот.




Но бидејќи се плашам од расипување, одлучив вака да ги направам. Путерот пенасто изматете го, па во него постепено додајте ги целосно изладените жолчки додека постепено матите со миксерот.




Оваа смеса додајте ја во натопените бисквити, додајте ги и оревите, па мешајте со лажица или шпатула додека да добиете еднолична, компактна смеса. Добиената смеса поделете ја на два еднакви дела.




Во калап за торти обложен со фолија, распоредете ја едната половина од смесата. Бананите излупете ги и пресечете ги надолжно на половина, или како ви одговара, па испрскајте ги со сок од лимон и наредете ги одозгора.




Во вториот дел од смесата додајте растопено и проладено чоколадо, па повторно добро промешајте за да се изедначи. Оваа смеса распоредете ја рамномерно преку бананите и израмнете.




Слатката павлака изматете ја со миксер во цврст снег и премачкајте преку тортата. Може да ја декорирате по ваш избор и да додадете уште нешто по ваш вкус. Готовата торта ставете ја во фрижидер да се стегне, а потоа извадете ја од калапот. Ако го пропуштивте рецептот за овошната торта која се прави за 10 минути, останете на НМД.мк и прочитајте го во продолжение на текстот:




ОВОШНА ЗА 10 МИНУТИ: Без печење, шеќер, путер, миксер – Освежителна торта која се топи во уста и за час ја нема. Толку едноставна, без многу комплицирини матења и постапки, па дури и не жалам кога целата ќе се изеде во еден момент, зошто секогаш одново и многу лесно можам повторно да ја направам.




Потребни состојки: 400 г. бисквити, 400 г јагода (или друго бобесто овошје), 400 г. нектарини, 2 банани, 600 г овошен јогурт, 200 мл слатка павлака или шлаг (може да биде и чоколадна глазура). Декорацијата е по ваш избор. Подготвената торта единствено што треба да е да ја оставите во фрижидер најмалку 2 часа, за да се натопат бисквитите и тортата да се стегне.



Постапка: во еден подлабок сад со рака искршете ги бисквитите, крупно или ситно, како ќе ви дојде. Јагодите измијте ги, исчистете ги од петелките, па крупно исечкајте ги, на половинки или четвртинки.

На ред се нектаринките, измијте ги, исчистете ги од семките, па и нив исечкајте ги исто како јагодите. Бананите излупете ги и исечкајте ги на тркалца. Одозгора прелијте ја содржината со јогурт.

Може да користите овошен јогурт како мене, но може и обичен јогурт, а во тој случај додајте и малку шеќер по вкус. Потоа убаво промешајте ја смесата со лажица за да се изедначт сите состојки.

Калап за торти со средна величина (приближни димензии 27х17 см) обложете го со проѕирна фолија, па приготвената смеса рамнимерно распоредете ја во калапот и израмнете ја површината.

Вака приготвената торта оставете ја во фрижидер да одмори најмалку два часа за да се стегне убаво, а бисквитите убаво да омекнат. Потоа можете да ја декорирате по ваш вкус. Бидејќи тортата целата е овошна, најдобро одговара да изматите шлаг или 200 мл слатка павлака, да ја покриете целата торта и да ја декорирате со парчиња овошје.