Има ли нешто поубаво од освежителна торта во топлите денови. Рецептите за брзи торти кои се приготвуваат буквално за 5-10 минути се најомилените, бидејќи освен што штедат на време, исто така не бараат некоја посебна вештина и деликатни постапки, а подеднакво се вкусни како и скапите торти кои се купуваат од слаткарница.
Ако ме прашувате мене, овие кекс торти се дури и повкусни од оние купечките кои се преполни со шеќер и маргарин. Ќе ви претставиме неколку варијанти за приготвување на брза кекс торта, а вие според количината и состојките одберете која најмногу ви одговара. Првиот рецепт е на Љиљана Џурич Стеванович и многу е брз и едноставен. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 700 г мелени кекси, 2 чаши (од 180 г) кисела павлака 20%, 200 г шеќер во прав, 400 мл слатка павлака и 10-15 чоко-бананчиња по желба, а може и свежи банани, овошје по избор, желе бонбони…
ПОСТАПКА: Слаткака павлака изматете ја со миксер додека да добиете шлаг (внимавајте да не претерате со матење, штом згусне во шлаг, прекинете со матење). Некаде пред крајот од матењето додајте го шеќерот во прав и доматете, па додајте ја киселата павлака (ладна).
Промешајте со лажица или шпатула додека да се соедини. Ако додавате чоко-бананчиња, претходно исечкјате ги ситно и додајте ги, па промешајте, а доколку додавате сечкано овошје, наредете половина од филот во калапот, израмнете, па додајте ја другата половина и декорирајте по желба.
Смесата се обликува во калап за торти со обрач 26 см, обложен со стреч-проѕирна фолија. Одозгора може да нанесете шлаг или изматена слатка павлака. Се остава во фрижидер најмалку 4 часа пред послужување, а може и пократко време во замрзнувач. Вториот рецепт е уште побрз од првиот и не ви е потребен ниту калап, туку смесата ја обликувате со раце:
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг бисквити по ваш избор (мелени или кршени со раце), 1 литар јогурт, 2 кесички шлаг, 100 г шеќер, 2 кесички ванилин шеќер, 1/2 лажичка цимет по желба. И уште: во смесата може да додадете сечкани банани, чоко-крем бананчиња, малини, вишни, смрзнато шумско овошје, 100 г рендано чоколадо…
ПОСТАПКА: Искршете ги бисквитите со рака (како ќе ви дојде, поситно, покрупно…), додајте го јогуртот и промешајте додека да да се изедначи смесата. Поголемиот дел од бисквитите ќе се натопат и ќе омекнат, но ќе останат и некои посуви парчиња кои се одлична декорација при пресекот на тортата (а со отстојување и тие ќе омекнат).
Во оваа основна смеса додајте шеќер, ванилин шеќер и цимет, а кој сака може и рендано чоколадо. Добро промешајте, па оваа смеса истурете ја врз десертна чинија или некој овал, па обликувајте ја со раце.
Врз половината може да наредите сечкани банани или овошје по желба, а како летна торта најубава е со комбинација од смрзнато овошје. Нека отстои неколку часа во фрижидер пред послужување. И, еве го третиот рецепт:
РЕЦЕПТ 3 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г кекси, 3 кесички пудинг (чоколадо или ванила или по вкус), 1 литар млеко, 4 лажици шеќер, 125 г несолен путер или маргарин, 200 г чоколадо за готвење, 200 мл слатка павлака.
ПОСТАПКА: Во подлабок сад издробете ги бисквитите со рака. Настрана пригответе го пудингот (на вообичаен начин со мешање во млеко и шеќер, и варење со непрекинато мешање додека да згусне). Во сварениот пудинг додајте го путерот и мешајте додека да се растопи и инкорпорира во кремот.
Топлиот крем излејте го во бисквитите и убаво промешајте. Смесата распоредете ја во калап обложен со стреч-проѕирна фолија и оставете да се олади. Од чоколадото и слатката павлака направете глазура (на пареа или на многу тивок оган се загрева павлаката, но не смее да зоврие, па се додава чоколадото, се растопува и соединува). Глазурата прелијте ја врз тортата, изладете уште еднаш, па послужете.