Торта леден ветар, превкусна многуслојна кремаста торта. Рецепт на Катица од каналот just.katebake. Многу е вкусна, а сигурно и вам ви е позната. Се прави многу едноставно и нема покремаста торта од оваа.
Одлична е за овој период бидејќи се прави со сезонско овошје, а толку многу освежува, слично на сладолед. Подготовката е прелесна и потребни ви се само неколку состојки.
Потребни состојки за кора: 10 белки, 300 г шеќер, прстофат сол, 1 кафена лажичка оцет. За крем: 10 жолчки, 800 мл млеко, 1 ванилин пудинг, 70 г густин, 150 г шеќер, 2 ќесички ванилин шеќер, 150 г путер / маргарин, 1 шлаг во прав.
Потребни состојки за фил: 600 мл смеса за шлаг, 1 ќесичка шлаг во прав. Декорација: 200 мл смеса за шлаг, 200 мл ладно млеко, 2 ќесички за шлаг, јагоди, киви, банани..
Постапка: Во чист сад се ставаат белките и се матат со миксер. Кога ќе добијат пенаста структура, се додава шеќерот и солта. Повторно се мати со миксерот додека целиот шеќер да се соедини со смесата. За да се добие цврста пенаста структура потребно е да матите 10 – 15 минути.
Додајте го оцетот и уште малку промешајте, а потоа смесата распоредете ја еднакво на тава со хартија за печење и печете во претходно загреана рерна на 130 степени околу 1 час или повеќе. Потребно е да се пече на ниска температура.
По печењето, потребно е да ја оставите кората добро да се излади, а во меѓувреме подгответе го кремот. Во сад додајте 1 дел од 800 мл млеко, а остатокот измешајте го со 10 жолчки. Изматете ги жолчките и млекото , а останатото млеко ставете го на рингла да се загрее.
Потоа додајте го пудингот, шеќерот со ванилиниот шеќер, густинот и шлагот во смесата со јајцата со постојано мешање. Кога ќе се соединат состојките, додајте ја оваа смеса во загреното млеко и згответе ја додека се добие жолта густа смеса.
Ставете го кремот настрана да се олади, а потоа изладената кора префрлете ја на рамна површина, превртете ја и извадете ја хартијата за печење. Поделете ја кората на три правоаголни еднакви делови.
Изматете со миксер во сад 150 г путер, а во него додајте ја изладената смеса за крем и додајте ја директно ќесичката со шлаг во прав. За подготовка на филот: На крајот измешајте ја со миксер течноста за шлаг со ќесичката шлаг во прав во друг сад и започнете со филување.
Кората ставете ја во правоаголен сад каде што ќе ја филувате тортата и директно ќе можете оттаму да ја сечете. Ставете една кора и премачкајте ја со жолтиот крем, па овошје и на крај шлаг. Кремот и шлагот треба добро да ги распоредите на сите страни пред да го додадете наредниот слој.
Може да ставите какво било сезонско овошје, но оваа торта се прави со киви, јагоди и банани. Овошјето се сечка на кругчиња и се реди во слоеви исто како кремот и филот. Пред да ги наредите бананите, потопете ги во малку лимонов сок за да не потемнат.
Се реди: Кора, жолт крем, киви, шлаг, кора, жолт крем, банани, шлаг, кора, жолт крем, јагоди и шлаг. Распоредот на овошјето останува по ваш избор. Бананите може да се исечкаат на кругчиња, но може да се стават и цели. Последниот слој на шлаг се премачкува врз површината на тортата и по страните и добро се измазнува.
Тортата се остава да се излади во фрижидер, а потоа се декорира. За декорација: Во сад додајте течност за шлаг, млекото и 2 ќесички шлаг. Сето се соединува и се мати со миксер, а потоа се става во шприц и се декорира тортата по страните.
Одозгора врз тортата може да ставите и овошје доколку ви преостанало. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска