Рецепт и видео презентација на Сара од Мои Домашни Рецепти – Торта Киндер Буено. Тортата се приготвува многу лесно и едноставно. Се мати тестото за пандишпанот и се пече, а потоа со миксер се мати вкусниот крем и на крај се прелива со чоколадна глазура.
Потребни состојки за пандишпан: 3 јајца, 8 г ванилин шеќер (една кесичка), 150 г шеќер, 100 мл масло, 200 мл вода, 280 г брашно, 10 г прашок за печиво (една кесичка), 2 супени лажици какао во прав, 200 мл млеко.
За да го приготвите белиот крем кој е многу нежен и вкусен, ќе ви бидат потребни следните состојки: 400 мл слатка павлака, 250 г маскарпоне и 3 супени лажици шеќер во прав. Глазурата ќе ја приготвите од 180 г чоколадо и 100 мл слатка павлака или млеко.
Постапка: Во подлабок сад скршете три цели јајца кои претходно отстојале на собна температура, додадете една кесичка ванилин шеќер (8 г) и 150 г шеќер, па со електричен миксер пенасто изматете додека шеќерот да се растопи и смесата да згусне и побели.
Додека непрекинато матете започнете со додавање на 100 мл масло и 200 мл вода. Во течната смеса додадете 280 г просеано брашно и една кесичка прашок за печиво (10 г). Продолжете да матите со миксерот, најпрво на послаба брзина, а потоа и на побрза, додека да се добие мазна смеса без грутчиња.
На крај додадете и две супени лажици какао во прав, па уште кратко изматете за да се соедини во кафеава полутечна, хомогена смеса. Плехот или калапот во кој ќе го печете пандишпанот добро намастете го со подебел слој путер или маргарин, а треба да биде со симензии приближно на 20х30 см.
Излејте ја приготвената смеса, малку протресете го калапот, израмнете ја површината, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 25 минути. проверете со чепкалка кога е готово (ако ја извадите чепкалката сува, значи дека пандишпанот е печен).
За да се добие сочност на кората, уште додека е топла прелијте ја со 200 мл млеко кое може да биде ладно или на собна температура. прелијте го рамномерно преку целата површина на пандишпанот и оставете да се впие целосно (по желба може да користите и чоколадно млеко).
За подготовка на филот, во подлабок сад за матење ставете 400 мл ладна слатка павлака и додадете 3 лажици шеќер во прав. Веднаш во смесата додадете и 250 г маскарпоне или било какво друго млечно квалитетно крем сирење кое ќе го збогати вкусот.
Смесата матете ја со електричен миксер малку подолго додека да се формира густ и цврст крем кој не паѓа од лажицата. Потоа целата смеса рамномерно распоредете ја врз оладениот пандишпан, убаво премачкјате да нема празнини и израмнете ја површината.
Вака приготвениот колач ставете го во фрижидер да се олади додека ја приготвувате чоколадната глазура. А за тоа ќе ви бидат потребни: 100 г чоколадо искршено на коцки и 100 мл течна слатка павлака (или обично млеко, доколку немате хопла).
Во помало тенџере ставете го искршеното чоколадо и прелијте го со течната павлака, па ставете го на умерен оган и загревајте со постојано мешање додека да се растопи и целосно соедини во течна и мазна глазура. Тргнете го тенџерчето на страна и мешајте додека да се подизлади.
Чоколадната глазура излејте ја врз колачот, па со подигнување на калапот под агли (погоре-подолу), разлејте ја глазурата подеднакво на сите страни (или тоа сторете го со помош на шпатулата). Колачот оставете го еден час во фрижидер убаво да се стегне, а потоа сечете го и послужете го.
Сите детали од постапката можете да ги погледнете во видеото кое го приготви Сара од каналот Мои Домашни Рецепти – ОВДЕ – со наслов “Торта Киндер Буено”.