Некој да ми кажуваше дека може да се направи толку многу вкусна торта без јајца, па уште и за толку кратко време, немаше да му верувам. Искрено, не верував дека ќе ја направам толку брзо и лесно како што пишуваше во оригиналниот рецепт, но дома на сите ни се јадеше нешто благо па решив да му дадам шанса на рецептов.




Па, како што реков претходно, моите очекувања беа далеку надминати, затоа што не само тортата излезе перфектно мека и нежна како оригинално брауни, туку навистина се приготвува во еден замав и се пече 6 минути во микробранова печка. Кога првпат го испробав рецептов, целата торта ја изедовме уште неизладена за две минути.




Домашните сакаа уште, па ја направив по вторпат, а потоа и третпат во ист ден! Оттогаш ја приготвувам многу често, па дури се изверзирав да ја правам во две варијанти, за да биде со различен вкус. Ќе ви ги откријам и двата, а вие одберете си кој повеќе ви одговара, нема да погрешите со изборот. Еве што ви е потребно:




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: рендана кора од 1 портокал, 150 г брашно, 100 г шеќер, 60 г какао во прав, 2 мали лажички прашок за печиво, 90 г путер, 370 мл топла вода, 30 мл сок од портокал. За глазура: 150 г чоколадо и 150 мл течна павлака (хопла).

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3/4 чаша масло за готвење, 1 1/4 чаша ситен шеќер, 1 чаша густ јогурт или кисела павлака/кисело млеко, 1 1/2 чаша брашно, 3/4 чаша какао во прав, 1 прстофат сол, 1 лажичка прашок за печење, 1/2 лажичка сода бикарбона, 1/4 чаша млеко, 1/2 чаша ореви




ПОСТАПКА (РЕЦЕПТ 1): Во еден подлабок сад измешајте просеано брашно, какао во прав и прашок за печиво, па додајте шеќер и рендана кора од портокал. Изедначете, па додајте вода, сок од портокал и растопен путер. Добро изматете, па дмесата излејте ја во силиконски калап (или огноотпорен сад) и печете во микробранова печка 6 минути на 400W.

Со чепкалка проверете дали е готова. растопете го чоколадото со павлаката (без да зоврие) и прелијте ја тортата. Доколку немате микропечка, тортата можете да ја печете и во рерна на 180-200 степени околу 10-15 минути, но најдобро е да проверите со чепкалка. Вториот рецепт можеби уште повеќе ќе ви се допадне:




ПОСТАПКА (РЕЦЕПТ 2): Во подлабок сад ставете го маслото и додајте шеќер, па изматете со жица-маталка додека шеќерот малку да се потрастопи. Потоа додајте го густиот јогурт и повторно промешјате.

Во течната смеса додајте ги сувите состојки, најдобро да бидат просеани. Изматете со жица-маталка додека да добиете густа хомогена смеса без грутчиња.




Најпосле додајте го млекото и промешајте уште малку за да се разблажи смесата. Ако немате ореви не мора да ги ставате, ама верувајте дека барем една рака ореви прават голема разлика.

Јас ставам приближно половина чаша. Промешајте и смесата излејте ја во помал огноотпорен сад, претходно наластен и на дното обложен со хартија за печење.




Тортата се пече на ист начин, во микропечка за 6 минути и се проверува со чепкалка. Може да ја оставите да се олади, па да ја превртите врз чинија и одозгора да ја прелиете со чоколадна глазура (во која исто така, може да додадете ситно сечкани ореви), но може да ја јадете и топла. Рецептот за оваа торта го видов ОВДЕ.