Рецептот за овaa прекрасна торта со воздушен крем од жолчки го објави нашата драга Рената Трајчевска во нашата и ваша група НМД рецепти.
Фотографии и рецепт на Рената Трајчевска – Потребни состојки: 6 белки, 8 лажици шеќер, 4 лажици џем од кајсии и 100-150 г сечкани ореви. За фил: 500 мл млеко, 6 лажици шеќер, 1 ванилин шеќер, 4 лажици густин, 6 жолчки, 150 г путер и 4 лажици изматен шлаг (хопла).
И уште ќе ви биде потребно: 500 мл слатка павлака (хопла). Тортата се приготвува во калап за торта бр.28. Постапка: Најпрво превите малку истостирајте ги, колку да замирисаат, а потоа оставете ги да изладат. Калапот за торти намастете го и обложете го со хартија за печење. Во калапот рамномерно распоредете ги изладените ореви.
На страна изматете ги белкитево цврст снег со постепено додавање на шеќерот додека тој целосно се растопи. Во цврстиот снег од белки додадете 4 лажици џем од кајсија и нежно промешајте за да се изедначи. Смесата од белки распоредете ја врз оревите во калапот, израмнете и ставете да се пече во загреана рерна на 150 степени, приближно околу еден час.
За фил: Од млекото одвојте 100 мл за да го промешате густинот и жолчките, а остатокот заедно со шеќерот и ванилата, ставете го на оган да зоврие. Намалете ја температурата на огнот откако ќе зоврие млекото. Густинот и жолчките изматете ги во млекото со жица убаво.
Откако ќе ги изматите убаво, да нема грутки, потоа смесата додадете ја во зовриеното млеко и мешајте постојано додека да згусне. Сварениот крем тргнете го на страна и оставете го да излади, а потоа во него додадете го пенасто изматениот путер и соединете ги.
На страна изматете ја слатката павлака во цврст шлаг, а 4 лажици додадете во кремот со жолчки и промешајте. Редење: Печената кора превртете ја наопаку врз чинијата за сервирање, така што оревите да дојдат одозгора. Врз кората нанесете го жолтиот крем, а најгоре шлагот. Изладете добро пред сервирање и уживајте во прекрасниот вкус.
Фото и рецепт: Рената Трајчевска