Речиси на сите им е позната влашката пита која е карактеристична по своите спирални ленти, но овојпат го знаевме единствено рецептот за солената варијанта. Овојпат Хели од Канада ни ја презентираше оваа вкусна пита во слатка варијанта, со кокос.

Рецептот го испроба Марија, но наместо кокос таа употреби путер помешан со цимет и шеќер, па го даде следниот коментар: „Питата е совршена, ја филував со цимет и излезе перфектна. Ја препорачувам секому кој не е многу искусен со тесто, бидејќи постапката навистина е едноставна. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г сенаменско брашно, 1 јајце на собна температура, 150 мл млако млеко, 1 мала лажичка сув квасец (3 г), 30 г течен мед (1,5 супена лажица), 1/2 лажичка сол (3 г) 15 мл масло (1 супена лажица).

ЗА ФИЛ: 1 јајце изматено (се трга 1 супена лажица на страна за премачкување), 2 супени лажици шеќер (25 г), 60 г кокосово брашно + една рака за наросување, 2 супени лажици несолен путер (28 г)




ПОСТАПКА: Во 150 мл млако млеко додајте 1/2 кесичка квасец, па промешајте за да се раствори. Потоа додајте едно јајце на собна температура, 30 мл течен мед, 15 мл масло, па добро изматете додека сите состојки да се растворат и изедначат.




Во смесата од течните состојки започнете постепено да го додавате брашното (300 г). Нема потреба од рачно месење, бидејќи тестото е доста меко и лепливо. Потребно е добро да го измешате со шпатула додека да се изедначи и стане компактно.




Тестото покријте го и оставете го на топло место да стасува околу час ипол, додека да го удвои својот волумен. Во меѓувреме пригответе го филот: Изматете едно јајце со виљушка, а потоа одземете една супена лажица настрана (подоцна ќе ви треба за премачкување на питата).




Во изматеното јајце додајте го шеќерот (25 г), па добро промешајте, да почне шеќерот да се растопува. Потоа додајте го кокосот (60 г) и путерот омекнат на собна температура (28 г). Измешајте ги сите состојки додека да се изедначат.




Стасаното тесто истресете на набрашнета површина, наросете го со брашно и формирајте топка. Малку сплескајте го тестото со рацете за да му дадете форма, па со помош на оглагија развлечете кора со форма на квадрат 30х30 см. Тестото лесно се прилепува, па за да ја добиете посакуваната форма, помагајте се и со рацете.




Врз половината од кората премачкајте го во тенок слој филот од кокос. Потоа здиплете ја на трипати, на следниот начин: немачканата страна подигнете ја и преклопете ја до третина од кората (со тоа што ќе опфати дел од премачканиот дел со кокос), а потоа од другата страна само поклопете и спојте ги краевите.




На овој начин ќе добиете долгнавеста, широка и дебела лента од здиплено тесто. Поделете го на половина, потоа на четвртини, а потоа на осмини – ленти дебели од приближно 2 см.

Земете едно парче со прстите од двата краја, па развлечете го, и спирално свиткајте го двапати како да цедите крпа. Вака витканите спирали редете ги во плех со средна величина претходно малку намастен или обложен со хартија.

Питата поклопете ја со фолија и оставете ја да стасува на топло место уште половина час или додека убаво да нарасне. Потоа премачкјате ја со јајцето кое претходно сте го оставиле настрана (може и неколку капки масло да додадете) и одозгора малку наросете кокос.

Питата ставете ја да се пече во претходно добро загреана рерна на 180 степени околу 15-20 минути. Кога е печена извадете ја од рерна, покријте ја со кујнска крпа неколку минути да подизлади, па послужете ја. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.