Ако сакате гостите да ги послужите со нешто навистина вкусно, никогаш не можете да погрешите со раванијата. Колачот е навистина сочен и вкусен, а се подготвува многу едноставно. Нема некој што не ја сака раванијата. Постојат различни рецепти за оваа ориентална слатка, а најчесто се карактеризира со додавање на ореви кои даваат посебна текстура.

Во овој рецепт не се ставаат ореви (секако, може да ги додадете доколку сакате), но се користат два вида на гриз (пченкарен и пченичен) кои даваат слична текстура, како оревите. Секако, може да користите и само еден вид на гриз, каков што имате.




Колачот на овој начин излегува многу сочен, миризлив и буквално се топи во уста. Иако е шербетен, сепак е нежен и освежителен, особено ако го изладите во фрижидер пред послужување. Она што е важно да го направите за колачот е откако ќе го подготвите, да го оставите да се впие шербетот на собна температура, па дури потоа може да го ставите во фрижидер.




Разликата во овој рецепт е што смесата за бисквитното тесто не е со течна конзистентност, туку малку се замесува и се натапкува во намастен плех. На овој начин, пандишпанот излегува многу мек, а уште повеќе омекнува кога ќе се прелие со сирупот. Базата на овој колач е млекото, не се ставаат јајца, ниту ореви. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: една ипол шолја крупен, пченкарен гриз (250 г), една ипол шолја мек гриз-пченичен (250 г), една лажица кокос (15 грама), прстофат сол, три четвртини шолја шеќер (180 г), три четвртини шолја млеко (200 мл), половина шолја путер (120 г), три четвртини шолја мед (60 г), една лажица ванила, бадеми за декорација. ЗА СИРУПОТ: една ипол шолја шеќер (340 г), една ипол шолја вода (350 мл), една лажичка сок од лимон, една лажичка ванила.




ПОСТАПКА: Вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени, само на долниот грејач. Потоа, одвојте си ги сувите и влажните состојки одделно, па соединете ги. ЗА СУВИТЕ СОСТОЈКИ: Во подлабок сад измешајте го крупниот и ситниот гриз, кокосот и солта. Шеќерот се додава во влажните состојки за побрзо да се растопи.

ЗА ВЛАЖНИТЕ СОСТОЈКИ: Во мало тенџере измешајте ги шеќерот, млекото, путерот, медот и ванилата. Загрејте ја смесата на тивок оган околу 3 минути, со повремено мешање, додека шеќерот да се растопи и смесата добро се изедначи. Млекото не треба да зоврие, доволно е само да се затопли.




Истурете ги течните состојки во сувите состојки и добро измешајте со лажица или шпатула. Соединете ја смесата додека да почне да станува компактна, како да месите тесто. Потоа, измешајте ја уште малку со рацете, бидејќи лесно се распаѓа. Откога ќе ја зацврстите, тргнете ја настрана и подгответе го плехот за печење. Јас користам тенок плех (види фото).




Намастете го плехот по дното и од страните со растопен путер или со масло. Намокрете ги малку рацете и рамномерно распоредете го тестото во плехот, измазнувајќи ги рабовите. Смесата може да ја натапкате со дланките или со задниот дел на некоја чаша.

Исечете го тестото во посакуваната форма. Најдобро е доколку го исечете на коцки, со големина по ваша желба и на средина од секоја коцка да ставите по еден бадем, кој треба малку да го притиснете во смесата. По желба, можете да сечете на ромбови, како баклава.




Печете го колачот во загреаната рерна на средната решетка и печете вкупно околу 30 минути или додека рабовите да почнат да поруменуваат. Додека раванијата се пече, направете го сирупот. Во тенџере измешајте ги шеќерот, водата и сокот од лимон. Оставете ја смесата да зоврие на средна топлина, повремено мешајќи и варете 6 минути. Се трга од оган и се додава ванилата.

Кога рабовите на раванијата ќе потемнат, вклучете го горниот грејач и печете додека површината на пандишпанот да добие златно-кафеава боја. Рамномерно и внимателно истурете половина од врелиот сируп врз врелата раванија, оставајќи ја да впие.

Почекајте неколку минути, а потоа прелијте го остатокот од сирупот. Оставете ја раванијата да се излади на собна температура пред да ја послужите, а потоа може да ја ставите и во фрижидер, дополнително да се олади. Деталите погледнете ги ОВДЕ.