Првпат го пробав ова тесто кое се готви во зовриена вода и бев воодушевена од резултатот. Тестото не се распаѓа при варењето и се остава сосем кратко во топлата вода, па веднаш се префрла во ладна вода. Користењето топла вода и путер резултира со покрцкава коричка. Топлата течност го хидрира брашното и се добива мазно и еластично тесто.
Питата излегува многу вкусна, однатре се исполнува со сирење, а може и со урда, како сакате. Можете да ја подготвите за појадок, ручек или вечера, многу е заситна и вкусна. Сѐ што ви е потребно за тестото се 3 јајца, квасец, вода и брашно. Ова е едно од оние тврди теста кои секојпат излегуваат многу вкусни. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, половина чаша вода (околу 50 мл), 3 лажици масло, 1 лажичка сол, 2,5 чаши брашно (250 г). ЗА ВАРЕЊЕ: 3 литри вода, 1 лажица сол. ЗА ФИЛОТ: 200 г фета сирење или некое по ваш избор. ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ: 100 г путер. Во продолжение можете да ја прочитате постапката:
ПОСТАПКА: Јајцата треба да бидат стоплени на собна температура минимум 1 час пред подготовка на тестото. Во еден подлабок сад скршете ги трите јајца, додајте половина чаша вода, 3 лажици масло, 1 лажичка сол и добро измешајте со жица/маталка додека јајцата да станат пенасти. Мешајте околу 2-3 минути.
Во смесата постепено започнете да го додавате брашното и мешајте со шпатула. Брашното ќе почне да се впива во јајцата и со мешањето ќе се формира густа смеса. Кога ќе се формира потребната конзистентност, замесете го тестото со рака, додека да се формира тврдо и компактно тесто, кое нема да се лепи помеѓу прстите.
Кога ќе го замесите тестото, префрлете го на набрашнета работна површина и по потреба додавајте си брашно. Обликувајте го тестото во круг и поделете го на 8 еднакви делови. Секој дел формирајте го во топче и ставете го настрана, топчињата да одморат, околу 10-тина минути, под фолија или кујнска крпа.
Секое топче развлечете го во круг со помош на оклагија со пречник 30-35 см и по потреба набрашнувајте. Истото повторете го со сите топчиња. Во едно поголемо тенџере или подлабоко тавче зовријте 3 литри вода измешана со сол и добро измешајте додека солта да се раствори во водата.
Ставете една од развлечените кори во водата и со помош на шпатула раширете ја низ водата, за да не се залепи. Секоја од корите се подготвува посебно и се остава во зовриената вода околу 30 секунди, па се вади.
Потоа секоја кора префрлете ја поединечно во ладна вода каде исто ја оставате неколку секунди. Процесот е идентичен за сите кори. Во едно намастено тавче со путер ставете ја едната кора откога ќе ја извадите од ладната вода и раширете ја низ тавчето, колку што можете, на средина треба да остане малку згужвана.
Премачкајте одозгора со растопен путер, па ставете и втора кора врз првата и повторно намастете ја со путер. На овој начин наредете четири кори, па врз четвртата распоредете го фета сирењето.
Одозгора ставете уште 5-6 кори кои обично се премачкуваат со путер и испржете ја питата во тавчето. Гответе ја на тивко колку што можете потивко, додека да се формира крцкава коричка и тестото однатре да се испече. Питата послужете ја топла. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.