Сусамките се вкусни грицки од детството кои може да ги јадете благи или солени. Се замесува тесто од неколку состојки и веднаш се формираат колачињата. Одозгора се премачкуваат со жолчка, се наросуваат со сусам и се печат 15 минути. Во продолжение прочитајте неколку рецепти:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 125 г путер/маргарин (½ коцка), 80 мл масло, 1 белка од јајце, 1 супена лажица оцет, 2 супени лажици шеќер, 1 кафена лажичка сол, 350 г брашно, 10 г прашок за печиво, 1 жолчка за премачкување, сусам за наросување.
ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Во подлабок сад ставете 125 г путер омекнат на собна температура, 80 мл масло, 1 лажица оцет, 1 белка од јајце, 2 супени лажици шеќер, 1 кафена лажичка сол. Изгмечете ги состојките со виљушка или со рака за да се соединат, па додајте просеано 350 г брашно и една кафена лажичка прашок за печиво.
Замесете убаво со рака додека да добиете убаво мазно тесто кое лесно се обликува. Веднаш кинете мали парчиња од тестото, со дланките формирајте топчиња, малку сплескувајте ги и редете ги во плех обложен со хартија за печење. Од оваа количина излегуваат 22 топчиња со средна величина.
Одозгора секое премачкајте го со разматена жолчка и одозгора наросете ги со сусам (со сусам се најубави, но може да ставите и ким, ленено семе или некои семки по ваш избор (може дури и рендан кашкавал или ситно сирење). Ставете да се печат во загреана рерна на 200 степени околу 15 минути. Не ја пропуштајте ниту постапката за вториот рецепт:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 100 г сусам, 60 г мед. ПОСТАПКА: Двете состојки се ставаат на тивок оган. Сусамот се пржи додека да зарумени. Потоа смесата веднаш додека е топла се излева врз хартија за печење. Се покрива одозгора со друг слој хартија, па со оклагија се прави рамна, тенка кора. Веднаш се сечат штанглите со облик и големина по ваш избор. За вас имаме и одличен бонус рецепт за сусам коцки, запишете си го и овој рецепт:
БОНУС РЕЦЕПТ: Сусам коцки со мед и чоколадо. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г пeчен сусам, 180 г мед, 120 г чоколадо за готвење, 150 г маргарин, 200 г мелени посни бисквити, 100 г крупно сечкани ореви.
ПОСТАПКА: Прво пропржете го сусамот во сува тава на тивок оган со константно мешање околу 5 минути. Треба да замириса и да добие златно-жолта боја, но бидете внимателни, бидејќи може лесно да загори ако не мешате постојано. Тргнете го сусамот од оган, па мешајте уште една минута додека малку да излади дното на тавата.
Бисквитите сомелете ги во блендер, а оревите крупно исечкајте ги со нож. Во еден поголем сад излејте го медот, чоколадото искршено на коцки и маргаринот, па загревајте на средна температура со постојано мешање додека да се растопат состојките и да се соединат.
Тргнете од оган, додајте ги мелените бисквити, сусамот и сечканите ореви, па добро промешајте. Ќе добиете смеса која на прв поглед нема да ви изгледа многу компактно, но така треба да биде. Земете помал плех 30х20 см и обложете го со хартија за печење.
Во него истресете ја смесата и со помош на лажица добро натапкајте за да се израмни. Кога целосно ќе се излади во фрижидер и ќе се стегне добро, супер ќе се сече. Затоа, најдобро е да се остави неколку часа во фрижидер или уште подобро, преку цела ноќ. Потоа извадете го колачот заедно со хартијата и со голем остар нож исечете коцки со величина по ваша желба.