Кога со сопругот постиме, оваа пица многу често ја подготвувам бидејќи ни е највкусното јадење во тие денови. Тестото е домашно и посно, се подготвува од неколку основни состојки, а врз него може да си ставите што си сакате. Денес има голем избор на посни продукти и посни кашкавали, па пицата иако е посна, може да биде многу вкусна.




Оваа пица има ХЛ големина, а тестото е многу едноставно за правење и не се меси. Тие што ја пробале се воодушевени од лесната постапка, но пред сè од памучното тесто. Коментарите се повеќе од очигледни колку е добро осмислен овој рецепт:




„Ја правев вчера, а ќе ја правам и денес и утре, бидејќи не ни е доста од што е вкусна.”; „Тукушто ја направив пицата по овој рецепт, совршено тесто. Ви благодарам!”; „Рецептот за пица е феноменален. Сум правел и според други рецепти, но овој дефинитивно е победникот. Чиста десетка”; „Рецептот е совршен, пицата која ја испеков со ова тесто излезе одлично!” Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г брашно, 300 мл млака вода, 7 г сув квасец, 30 мл маслиново масло, 2 мали лажици шеќер и 2 мали лажици сол. За филување: посен кашкавал или 400 г моцарела или некој друг кашкавал по ваш избор, 200 г доматно пире (кечап), масло, сол, оригано.




ПОСТАПКА: Во брашното ставете го сувиот квасец и убаво соединете во подлабок сад. Додајте го маслото, солта и шеќерот, па прелијте со млаката вода и измешајте ги состојките со шпатула. Ќе се формира полулеплива лелеава смеса која ќе се растегнува низ садот.




Покријте го садот со соодветен капак и оставете да стасува околу 2 часа на топло место. Може садот да го ставите и во умерено загреана рерна. По изминатото време излејте го тестото на набрашнета површина и замесете го со повлекување на надворешните страни кон внатре додека да не се лепи.




По потреба додавајте повеќе брашно. На плех со стандардна големина поставете хартија за печење и врз неа испрскајте со маслиново масло. Со четкичка распоредете го маслото низ целиот плех, па на средина ставете го тестото и оставете да одмори уште 10 минути.




ЗА ФИЛОТ: Доматното пире зачинете го со малку оригано и сол и соединете. Потоа повторно преминете на тестото и со влажни прсти развлечете го во големина на целиот плех со оставање на меурчиња од прстите. Teстото може да го направите правоаголно или округло. Одозгора премачкајте со подготвениот црвен фил подеднакво.




Печете во претходно загреана рерна на 250 степени, околу 10 минути, па потоа извадете го плехот од рерна и врз тестото наредете ситно сечкана моцарела или некој друг кашкавал по вкус (доколку не постите). Искуствата на еден читател велат дека пицата е уште поубава ако се додаде и прстени кромид и печурки одозгора.

Допечете ја пицата уште 10 минути на истата температура. По печењето оставете да одмори под крпа неколку минути. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.