Ако сте љубители на бајадерата, овој колач со сигурност ќе ви се допадне. Освен што според изгледот личи на бајадера, колачот е малку сличен и на вкус. Покрај тоа, има овошна нота од најубавиот есенски плод, а тоа се јаболката. Сите обожаваат во есен да си направат колач од кој целата куќа замирисува на нив.




Подготовката е многу лесна и едноставна. Колачот се состои од 3 слоеви кои детално се опишани во постапката подолу. Кога првпат го направив овој колач, сите ми побараа рецепт, па затоа решив да го споделам со што повеќе домаќинки, за да ги израдуваат своите најмили. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ЦРНИОТ ДЕЛ: 2 жолчки, 150 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, 200 мл масло, 300 мл млеко, 3 лажици џем од јаболка, 200 г брашно, 2 лажици какао во прав, 1 кесичка прашок за печиво.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА БЕЛИОТ ДЕЛ: 2 белки, 150 г шеќер, 4 јаболка, сок од половина лимон. ЗА ГЛАЗУРА ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 100 г чоколадо, 100 мл крем за шлаг (слатка павлака), 1 лажица масло. Колачот се пече во претходно загреана рерна на 180 степени.




ПОСТАПКА: Сите состојки кои се чуваат во фрижидер како јајца и млеко е потребно да бидат на собна температура. За да го направите црниот дел, потребно е најпрво да ги одвоите белките од жолчките од 2 јајца. За црниот дел ќе биде потребно да ги искористите жолчките, а белките зачувајте ги за подоцна.




Во жолчките додајте 150 г шеќер и започнете да матите со миксерот додека да станат пенасти. Додајте 1 кесичка ванилин шеќер и соединете додека шеќерот фино да се растопи во смесата. Потоа постепено започнете да додавате од маслото, додека непрекинато матите со миксерот.




Додајте го млекото и џемот од јаболка, соединете во фина и еднолична смеса, а настрана соединете ги сувите состојки како какао, брашно и прашок за печиво. Сувите состојки додајте ги во кремастата смеса и со шпатула довршете го соединувањето. Вака подготвената смеса се излева во подмачкан плех со масло, се израмнува и се става на печење во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 15-тина минути.




Во меѓувреме, додека кафеавиот дел се пече, започнете со подготвување на белата смеса. Добро измијте 4 јаболка, па излупете и изрендајте ги. Јаболката наросете ги со сок од половина лимон, за да не потемнат. Настрана изматете ги белките во пенаста смеса со шеќерот.




Потоа додајте ги ренданите јаболка во белата смеса и соединете. Извадете го плехот со кафеавиот дел од колачот од рерна и преку него излејте ја белата смеса и убаво израмнете. Вратете на печење на истата температура, уште 20-тина минути, додека вториот дел да стане како целувка/пуслица.

На крајот, извадете го колачот од рерна и на пареа или директно на тавче на рингла, соединете ги состојките за глазура: неколку коцки скршено чоколадо, неутралната павлака и маслото. Глазурата излејте ја преку колачот, оставете малку да се подизлади и послужете. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.