Мек, сочен и кремаст колач со ореви и чоколадо, направен без миксер и без кујнска вага – само со обична чаша од 200 мл.
Овој рецепт е инспириран од старите домашни тефтери, кога колачите се правеле од состојки што секогаш ги имаме во кујна, а резултатот бил сигурен и вкусен.
Колачот се сече совршено на коцки или триаголници како торта, што го прави одличен избор и за секојдневно слатко уживање, и за родендени, семејни прослави и гости.
Вкусот е богат, избалансиран и пријатен – токму таков каков што го сакаат сите генерации.


Потребни состојки
Мерка: 1 чаша = 200 мл
За бисквит:
• 3 јајца
• 1 чаша шеќер
• 1 чаша масло
• 1 чаша млеко
• 1 чаша мелени ореви
• 2 чаши брашно
• 1 прашок за печиво
За фил:
• 2,5 чаши млеко (500 мл)
• 6 лажици шеќер
• 2 кесички ванилин шеќер
• 4 лажици пченичен гриз
• 100 г чоколадо
• 2 чаши мелени ореви
За залевање:
• 250 мл ладно чоколадно млеко
За глазура:
• 150 мл слатка павлака
• 100 г чоколадо за готвење
За декорација:
• мелени ореви
Начин на подготовка
Во длабок сад, изматете ги јајцата со жица заедно со шеќерот додека смесата да стане хомогена. Додајте масло и млеко, па промешајте. Потоа додајте ги мелените ореви и повторно соединете.
На крај, додајте брашно и прашок за печиво и внимателно промешајте додека да добиете мазна смеса без грутки.
Плех со димензии 32 × 22 см намастете го со масло и лесно посипете го со брашно (вишокот истресете го).
Сипете половина од смесата, израмнете и печете во загреана рерна на 180 °C околу 12 минути.
Подготовка на филот:
Во тенџере сипете го млекото, додајте шеќер, ванилин шеќер и чоколадо искршено на коцки. Загревајте додека да зоврие, па додајте мелените ореви и гриз. Варете со постојано мешање додека да се згусне.
Филот ќе биде умерено густ – при ладење дополнително ќе се стегне.
Извадете ја полупечената кора, распоредете го целиот фил рамномерно, па одозгора сипете ја втората половина од тестото и израмнете.
Вратете во рерна и печете уште 25 минути на 180 °C.
Завршница:
Жешкиот колач прелијте го со 250 мл ладно чоколадно млеко и оставете целосно да се впие.
За глазурата, загрејте ја слатката павлака (без да зоврие), додајте го чоколадото и мешајте додека да се стопи. Премачкајте го изладениот колач и оставете да се олади најмалку 2 часа.
Пред сервирање, посипете со мелени ореви, исечете на коцки и послужете. Постапката погледнете ја во видео прилогот ОВДЕ:





































