Овој бајковиден старински колач наречен “Дунавски бранови” или “Дунавски валцер, ќе ве потсети не само на убавите добри стари времиња, туку и на истоимениот, волшебен Штраусов валцер.

Веруваме дека ќе ви се допадне овој одличен колач. Во недостиг на свежи вишни, еднакво убаво може да послужат и смрзнатите или оние од компот. Важно е само тие да немаат семки : )

Потребни состојки: 200 г путер, 200 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 5 јајца, 300 г брашно, 1 прашок за печиво, 2 лажици какао, 750 г вишни без семки. За крем:, 2 пудинг од ванила, 500 мл млеко, 200 г путер, 4 лажици шеќер во прав. За глазура: 200 г чоколадо за готвењеи 50 г путер

Постапка: Пенасто изматете го путерот со шеќер и ванилин шеќер па додадете едно по едно, вкупно 5 јајца и миксајте со најголема брзина. Потоа додадете брашно и прашок за печиво, па изматете мазно тесто за пандишпан.

Половина од смесата излејте ја во намастен и наросен плех со брашно (средна величина). Во другата половина од тестото додадете какао и вишни, промешајте и откако ќе се изедначи прелијте ја врз првата смеса.

Овој оригинален бисквит со прекрасен вкус печете го во претходно загреана рерна на 180 степени околу 35 минути. Печениот бисквит оставете го на страна да се олади. Додека се пече и лади бисквитот, пригответе го филот: Пудингот од ванила сварете го во млекото и оставете го да се олади на собна температура.

Повремено промешувајте го за да не фати коричка. Путерот претходно омекнат на собна температура, пенасто изматете го заедно со шеќерот во прав. Потоа лажица по лажица, постепено додавајте му го изладениот пудинг. Матете додека целосно да се соединат.

Изладениот бисквит премачкјате го со кремот, па оставете го колачот во фрижидер да се лади еден час. За глазура искршете го чоколадото на парчиња, додадете путер и заедно растопете ги на пареа. Изладениот страински колач на крај прелијте го со чоколадната глазура и вратете го во фрижидер за да се олади и стегне.

Coolinarika.com