Мојата денешна сарма е без месо, со многу кромид и праз, а ја готвам во рерна. Сега е сезона на кисела зелка, па да ја искористиме максимално.
Потребни состојки:
1 главица кисела зелка
4 главици кромид
2 големи страка праз
3 филџани ориз
1 лажица алева пиперка во прав
1 лажица крупна лута или слатка толчена пиперка
сол, црн пипер, ловоров лист, масло
Постапка:
Кромидот ситно исечкајте го, а исто така и празот. Треба да добиете доста количина, па најдобро е да го пропржите во поголем сад на малку масло. Додадете го измиениот ориз и динстајте на умерена температура додека оризот да застакли.
Потоа додадете сол, црн пипер во прав, слатка мелена црвена пиперка и лута толчена питерка (буковец. Кој ен сака може да стави сладо буковец.
На дното од огноотпорен сад, тепсија или земјена тава ставете малку масло, па наредете неколку листови од зелката или исечкајте го средишниот дел од зелката кој не може да искористи за виткање на сарми.
Сармите се многу поубави кога се мали, па затоа листовите сечете ги на половина или на помали делови, а тврдиот дел отстранувајте го.
Филувајте ги со една рамна лажица фил, а потоа виткајте ги и редете ги во садот во кој ќе се печат. Ставете 2-3 ловорови листови и одозгора сармичките покријте ги со неколку листови зелка. На тој начин тие остануваат посочни. Прелијте ги со врела вода и ставете ги во рерна да се печат на 180 степени околу 3,5-4 часа. Решетката на рерната треба да биде поставена пониско од средината.
Совет: Колку повеќе употребете кромид и праз (без разлика што нема месо), толку сармата ќе биде повкусна. Добро би било садот во кој ќе се пече сармата да е повисок, за да не капе во рерната кога ќе зоврие. Особено добар вкус сармата има доколку се пече во земјен сад.
Иако е посна сармата немојте да штедете на масло, и колку подолго се крчка толку е повкусна. Нормално, температурата не треба да биде силна, туку умерена. Пред крајот можете да ја попарите со загреано масло во кое сте додале црвен пипер во прав.
Кога ќе ги тргнете листовите, сармите се сочни, а не препечени. Можете да ја послужите топла, но и ладна. Сармата е превкусна.
Coolinarika.com