За разлика од нездравите, газирани напитоци кои се преполни со штетни состојки и кои денешните деца ги пијат во големи количини, овој ориентален пијалак, бозата е природен, здрав и исклучително хранлив напиток преполн со витамини.

Содржи голема количина Б витамини (Б1, Б2, Б3, Б6 и Б12), витамин А и Е, како и железо, а ценета е и како напиток кој го полни организмот со сила и енергија.

Бозата содржи голем број корисни бактерии, особено е добра за спортистите, трудниците и родилките.

Овој рецепт потекнува од еден стар слаткар за кој велат дека е оригинален. Се сомневав, но кога го направив бев пријатно изненадена. Мислев дека и децата нема да сакаат да ја пијат бозата, бидејќи се’ што е здраво за нив е “бљак”, но бозата ја испиваат цела за кратко време. Сега често ја правам и повеќе не купуваме сокови.

Потребни состојки:

5 литри вода

4 полни супени лажици пченкарно брашно

1 полна супена лажица пченично брашно

½ коцка свеж квасец или 1 сув квасец

400 г шеќер

Постапка:

Во поголем лонец или шерпа (од околу 7 лири) ставете 5 литри вода, па на оган да зоврие.

Во друг сад разматете 4 полни лажици пчемкарно брашно и една пченично брашно со малку вода (како за пудинг).

Тоа истурете го водата која врие, со постојано мешање. Намалете го огнот и гответе на тивко околу половина час. Не мора постојано да се меша, само повремено.

Кога е сварено оставете да излади, па додадете го активираниот квасец разматен во малку млака вода со малку шеќер. Вака оставете го да отстои на собна температура 24 часа. После тоа процедете.

Малку карамелизираниот шеќер полејте го со 500 мл вода и оставете да зоврие. Потоа оставете да излади и додадете во процедената течност. Добро промешајте и складирајте во шишиња. Се чува во фрижидер.

Мал совет: Ако повторно правите боза, не мора да користите квасец, туку само половина литар готова боза, како маја.