Овој превкусен ролат кој однатре е исполнет со шумско, киселкасто овошје и има превкусна мека кора која можат и бебињата да ја јадат е најпознатиот австриски рецепт. Однадвор за да се дополни неговата богата текстура се премачкува со глазура од чоколадо со ситно сечкани ореви.
Откога го дознав овој рецепт, веднаш ми стана омилен и дома постојано им го правам на домашните. Особено сум благодарна што најдов рецепт за превкусна бисквит кора која е мека и сочна на вкус, а филот го апсорбира целосно. Еве кои состојки ви се потребни:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 450 г замрзнати вишни, 300 г замрзнати боровинки (или вкупно 2-3 пакетчиња комбинирано и замрзнато шумско овошје), 50 г црно чоколадо, 4-5 јајца во зависност од големината, прстофат сол, 80 г шеќер, 30 мл масло, 100 г брашно, 1 лажиче ванилин шеќер, 1 лажиче прашок за печиво.
ПОСТАПКА: Најпрво подгответе си еден плех за печење, најдобро од големите црни плехови кои се чуваат во најдолната фиока од шпоретот. Плехот обложете го со хартија за печење и врз него распоредете го замрзнатото овошје, кое претходно треба да биде отстојано минимум 1 час на собна температура.
Конкретно овој рецепт е правен со замрзнати вишни и боровинки, но подеднакво е вкусен, ако користите и комбинирано замрзнато овошје од повеќе овошја. Врз овошјето изрендајте 50 г темно чоколадо и потоа започнете да ја формирате смесата за бисквит.
ЗА БИСКВИТОТ: Одделете ги белките од жолчките. Прво започнете да работите на белките, а потоа на жолчките. Белките изматете ги пенасто со миксер и во нив додајте прстофат сол. Потоа постепено започнете да го додавате шеќерот, додека непрекинато матите со миксерот.
На овој начин матете ги белките вкупно 6-7 минути додека да се добие конзистентност на цврст снег. Во изматените белки, додавајте една по една жолчка и продолжете да матите со миксерот. Кога ќе ги соедините белките, додајте го маслото, соединете, па низ преса додајте ги брашното, ванилиниот шеќер и прашокот за печиво.
Кога ќе се додадат сувите состојки, смесата се меша со шпатула (не со миксер) за да не спласне. Измешајте во фина и еднолична смеса, која не треба да има грутки. Вака подготвената смеса, потребно е да ја излеете преку овошјето и чоколадото во плехот и нежно да ја израмните, со претпазливост, чоколадото и шумското овошје да не дојдат одозгора на смесата.
Вака подготвениот бисквит се става на печење во претходно загреана рерна на 180 степени, околу половина час. По изминатото време, бисквитот се остава да се олади, сосем малку, па се превртува на некоја поголема дрвена даска. Кога ќе го превртите бисквитот, извадете ја хартијата за печење, така што шумското овошје ќе дојде одозгора.
Завиткајте го нежно бисквитот со помош на влажна крпа во ролат и оставете го целосно да се олади и да се формира, додека се лади. Во меѓувреме, подгответе ја чоколадната глазура, за која ќе ви бидат потребни: 50 г ситно сечкани ореви, 100 г темно чоколадо и 20 мл слатка павлака за готвење.
Оревите исечкајте ги на многу ситни парчиња и потоа во еден сад соединете ги со слатката павлака за готвење и темното чоколадо исечено на помали парчиња. Садот ставете го на пареа врз друг сад со вода и гответе додека состојките да се соединат во фина чоколадна глазура.
Вака подготвената глазура се излева преку бисквитот кој треба да го одвиткате од крпата и повторно да го завиткате во ролат. Оставете малку чоколадото врз бисквитот да се стегне на собна температура и потоа послужете го со сечење на помали парчиња. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.