Уште еден посен колач со преубав вкус на комбинација од суво овошје и малку ореви. Освен што се украс на секоја празнична трпеза, тие се и многу вкусни и здрави. Се преливаат со карамел од растопен шеќер што им дава сензуална крцкава коричка при гризнувањето, а внатре се сочни, меки и неодоливо вкусни.
Нема да се покаете доколку го направите овој фантаcтичен посен колач – декоративен и мозаичен. А кога ќе ги направите и ќе ги сместите меѓу другите ситни колачи, сите прво по нив посегнуваат, а потоа ве фалат за умешноста, зашто делуваат како да имаат претешка подготвка, а во суштина е прелесна. На „око“ се преубави, делуваат како џамлии-кликери.
Освен суви сливи, во смесата можете да додавате сува брусница, ананас, манго и сè друго што имате од суво овошје, сите излегуваат различно шарено, уникатни се. Секој што ќе ги проба и види, веднаш бара рецепт. Еве што ви е потребно (рецепт на Тања):
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 100 г суви смокви, 50 г суви сливи (може и друг вид суво овошје), 50 г ореви, 1 лажичка мармалад, 80 г мелени посни бисквити, 80 г шеќер, 80 г посен маргарин, 5 супени лажици вода. И уште: шеќер за карамел со кој се натопуваат топчињата
ПОСТАПКА: Сувото овошје ситно исечкајте го или сомелете го. Ако сметате дека е премногу суво, претходно малку натопете го во топла вода, рум, вишновка или некој сок, 15-тина минути колку да набубрат, а потоа добро исцедете ги и исечкајте ги.
Во поголем сад додајте го ситно исечканото суво овошје, мелените или ситно сечкани ореви, како и мелените посни бисквити. Добро промешајте за да се изедначи сувата мешавина пред да ја прелиете со сирупот.
ЗА СИРУП: Во едно тенџерче на многу тивок оган ставете го маргаринот исечкан на поситни парчиња, шеќерот и пет супени лажици вода. Загревајте додека сите состојки да се растопат и изедначат.
Добиениот сируп прелијте го врз сувото овошје, па мешајте додека да добиете смеса која лесно се обликува со рака. Кинете приближно еднакви делови од смесата и со влажни дланки обликувајте топчиња.
Оставете ги да се стврднат во фрижидер половина час пред натопувањето во карамелот од истопен шеќер. Карамелот мора секогаш да биде врел за да може да се налепува врз топчињата.
Можете да ги боцнувате на стапче и да ги потопувате, па да ги редите во хартиени корпички, или пак со лажичка да ги полевате одозгора. Кога го растопувате шеќерот (количина одокативно) внимавајте тоа да биде на тивко и да не ви прегори. Рецепт на Тања.