Овие спирални соленки од компири се совршен пример како од неколку едноставни и достапни состојки може да се добие печиво со врвен вкус и текстура.
Компирите даваат природна мекост, додека путерот и зачините создаваат крцкава кора што пријатно пука при секој залак.
Рецептот не вклучува пржење, што го прави погоден и за секојдневна употреба, семејни оброци или како елегантен додаток на трпезата.
Овие соленки се идеални за појадок, вечера, како прилог или закуска, а со едноставен јогурт-сос добиваат и дополнителна свежина. Рецепт кој лесно може да стане дел од вашата редовна домашна кујна, пишува НМД. Еве што ви е потребно:


🧾 Потребни состојки
За тестото:
• 500 г компири
• сол по вкус
• 230 г брашно
• 100 г путер
• црн пипер по вкус
• 1 лажичка црвен пипер
• 1 лажичка лук во прав
• ситно сечкан копар или магдонос
За јогурт-сосот:
• 3 лажици цврст јогурт (или кисела павлака)
• сол по вкус
• црн пипер по вкус
• 1 лажичка црвен пипер
• 1 чешне лук, ситно рендано
• 1 лажичка лимонов сок
Дополнително:
• растопен путер за премачкување
• сусам за посипување


👩🍳 Постапка
1. Компирите излупете ги, исечкајте ги и сварете ги во посолена вода додека да омекнат. Исцедете ги и оставете ги кратко да се изладат, па испасирајте ги во фино пире.
2. Во сад измешајте го цврстиот јогурт, додајте сол и црн пипер по вкус, црвен пипер, рендано лукче и лимонов сок. Промешајте додека да добиете мазен сос и оставете го настрана.
3. Во длабок сад додајте брашно, па додајте го путерот и со прсти втријте го во брашното додека да се добие структура како трошки.
4. Во смесата додајте го пирето од компири, ситно сечканиот копар или магдонос, сол по вкус, црн пипер, лук во прав и црвен пипер. Промешајте, па замесете меко и компактно тесто со рака.
5. Тестото покријте го и оставете го во фрижидер 30 минути – овој чекор е важен за подобра структура и полесно обликување.
6. Плех обложете го со хартија за печење и лесно намастете го со масло.
7. Тестото развлечете го на набрашнета површина во долгнавеста правоаголна кора. Исечете ленти со широчина од приближно 1,5–2 см, па спирално завиткајте ги и наредете ги во плех.
8. Соленките премачкајте ги со растопен путер и посипете ги со сусам.
9. Печете во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 20 минути, или додека да добијат златно-кафеава боја.
10. Послужете ги топли, со претходно подготвениот јогурт-сос.
11. Постапката погледнете ја во видео прилогот ОВДЕ:




































