Ако го сакате зеленчукот, особено зелката, тогаш мора да го испробате овој специјалитет. Зелката е одлична на сите можни начини, од готвена, печена, динстана, пржена, па сè до свежа, подготвена како салата.

рецепт 2

Ви предлагаме два рецепти кои се надеваме дека ќе ви се допаднат, а за вториот погледнете ја и видеопрезентацијата на Валентина. Станува збор за ќофтиња, односно уштипци од зелка кои се приготвуваат многу едноставно, а превкусни се и богати со хранливи состојки. Еве што ви е потребно:

рецепт 1




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г свежа млада зелка, 200 мл кефир или јогурт, 140 г меко брашно, 1 јајце, 1 средна главица кромид, 6 г прашок за печиво, 1 супена лажица масло, 1-2 чешниња лук, сол и црн пипер по вкус

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1,5 кг свежа зелка, 4-5 јајца, 200 г кромид (6-7 млади зелени кромитчиња или 1 поголема главица стар кромид), 1 зелена пиперка, 4 супени лажици брашно, сол, сув зачин (вегета), оригано, црн пипер, масло

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ДРЕСИНГ – СОС: 4-5 чешниња лук, 1 супена лажица маслиново масло, 1 поголем прстофат сол или по вкус, мелен црн пипер по вкус, оригано, 500 мл густ, течен јогурт или кисела павлака. Постапка: лукот изрендајте го, додајте ги сите состојки и убаво промешајте.




ПОСТАПКА за рецепт 1: зелката исчистете ја од надворешните листови и средишниот тврд дел. Изрендајте ја со направа за рендање зеленчук и посолете ја. Додајте една мала лажичка сол или по вкус, па добро промешајте и истискајте ја зелката со раце за да омекне.




Кромидот ситно исечкајте го или изрендајте го на крупно ренде. Додајте го во зелката и промешајте. Потоа додајте едно изматено јајце и убаво со кујнска жица-маталка сето добро соединете го.




Потоа залијте кефир и масло, изедначете, па започнете постепено да го додавате просеаното брашно помешано со прашокот за печиво. Мешајте додека да добиете компактна, изедначена смеса без грутчиња. Во нелеплива тава ставете малку масло колку да се покрие дното и уште малку.




Загрејте го на умерена температура. Со супена лажица вадете од тестото и спуштајте во загреаното масло. Пржете ги од двете страни додека убаво да заруменат, приближно по 4 минути. Вадете ги врз хартиена салфетка за да се впие вишокот маснотија.

Излегуваат многу меки и ако не знаете дека се направени од зелка, воопшто нема да погодите. Наместо да ги пржите во масло, можете да ги печете во рерна на 200 степени, врз хартија малку намастена, додека да заруменат. Следи постапката за вториот рецепт, за кој имате и видеопрезентација:




ПОСТАПКА за рецепт 2: зелката исечкјате ја на помали коцки, па ставете ја да се вари во зовриена вода посолена со малку сол, приближно 10-15 минути, колку да омекне. Процедете ја од водата и оставете го настрана да се олади.




За тоа време ситно исечкјате го кромидот, како и пиперката, па сето издинстајте го неколку минути на малку масло. Во подизладената зелка (млака или целосно оладена) додајте 4-5 јајца (во зависност од нивната големина), а потоа и испржениот кромид и пиперка.




Измешајте добро, па додајте го брашното и зачините по вкус. Убаво промешајте, па оставете ја смесата да одмори 10-тина минути, за да може брашното да ги впие течностите и да згусне. Потоа со лажица вадете од смесата и спуштајте во загреано масло, или пак обликувајте ќофтиња директно во плех обложен со хартија.

Ако ги пржите, откако ќе заруменат, вадете ги врз чинија обложена со хартиена салфетка за да се впие вишокот маснотија, а доколку ги печете во рерна, хартијата малку намастете ја, испрскајте ги одозгора со неколку капки масло, наросете им лебни трошки или сусам и печете ги на 200 степени додека да заруменат. Деталите погледнете ги ОВДЕ.