СПЕКТАКУЛАРНА БАЈАДЕРА ОД 4 СОСТОЈКИ: предобар вкус и многу добро изгледа. Рецепт на Брзи Рецепти.
Овој бајадера-колач ќе го правите постојано кога ќе дознаете дека се подготвува за 5 минути, а потоа се остава само да се стегне уште малку во фрижидер. Еве што е потребно:
Потребни состојки: 150 г шеќер, 50 г неутрална павлака/хопла (33-36%), 90 г путер, 240 г јаткасти плодови (ореви, лешници, бадеми, кикирики..), 160 г чоколадо за готвење. Овој десерт многумина го споредуваат со Сникерс, но е уште повкусно.
Постапка: Во нелепливо тавче на средна кон ниска температура ставете го шеќерот и почекајте да карамелизира. Прво ќе се формира густа и леплива маса, а потоа ќе се претвори во течност. Не мешајте додека целосно да се растопи.
Тогаш додајте ја неутралната павлака и со повремено мешање соединете ги состојките додека смесата добие малку посветла боја. Потоа во оваа смеса додајте го путерот и мешајте додека да се растопи.
Во огноотпорен сад со средна големина ставете хартија за печење и во неа истурете ги јаткастите плодови. Јас измешав кикирики, бадеми, лешници, ореви.. Но, важно е да бидат во количина од 240 г или приближно.
Убаво распоредете ги и одозгора прелијте со преливот од карамел. Убаво измазнете и со виљушка направете простор за карамелата да помине и помеѓу најдолните јатки (подекоративно е ако имате мешани плодови).
Ставете го садот во фрижидер за да се стегне смесата, приближно 15-20 минути. Во меѓувреме растопете го темното чоколадо, па извадете го садот од фрижидер и прелијте ја чоколадната глазура.
Добро распоредете и вратете го садот во замрзнувач да се стегне уште 30-40 минути. Потоа извадете сосе хартијата на чинија и послужете со сечење на правоаголници како бајадери.
Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ. Ќе ви се допадне и следниот рецепт:
II РЕЦЕПТ ВО СОЛЕНА ВАРИЈАНТА: Посни кикирики топчиња со вкус на соленки – не останува ниедно, на секоја слава се изедуваат до последно. Фото и рецепт: Магдалена.
Одлични топчиња, вкусни и декоративни. Посни и многу заразни, секогаш до последно се изедуваат.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г брашно, 250 г посен маргарин, 5 лажици газирана вода, 1 лажичка сол, 150 г печени, несолени кикирики, сомелени, 1 прашок за печиво.
За валкање: 100 г пржен сусам.
ПОСТАПКА: Во подлабок сад измешајте го брашното со прашокот за печиво, па додајте ги и мелените кикирики. Посебно изматете го маргаринот со солта, додајте газирана вода. Постепено додајте ја сувата мешавина и замесете го тестото со раце.
Откако добро ќе го измесите, тестото поделете го на четири делови и од секој дел направете валјак со пречник од 3 см. Сечете тркалца со дебелина од 1 см и од секое формирајте топче. Готовите топчиња валкајте ги во пржен сусам.
Така извалканото топче само уште малку пртотријте го меѓу дланките за сусамот подобро да се залепи.
Топчињата редете ги во плех обложен со хартија и печете ги околу 20 минути на 180-200 степени додека убаво да заруменат. Овие солени топчиња се вистински украс на посната трпеза, а згодни се и за дружење со пиво или бело вино.