Рецепт и видео презентација на CooKing – Посен ролат со ајвар
Се приготвува многу брзо, а има одличен вкус. Се надевам дека ќе ви се допадне.
Потребни состојки за кора: 8 полни лажици брашно (100 г), 4 лажици ајвар, 250 мл газирана вода, 1 кесичка прашок за печиво (2 лажички), сол и црн пипер по вкус.
За фил: 6 лажици посен мајонез, 1 конзерва туна и 3 кисели краставички и ½ лажичка сенф
Постапка: Брашното и прашокот за печиво измешајте ги и просејте ги низ сито. Додадете сол, ајвар и промешајте со лажица додека ја додавате газираната вода.. Мешајте додека да добиете изедначена смеса.
Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени. Плехот од рерна малку намастете го и обложете го со хартија, па излејте ја во него приготвената смеса за кора. Распоредете рамномерно и ставете да се пече во загреаната рерна на 200 степени околу 20-30 минути.
Печената кора извадете ја од плехот и заедно со хартијата ставете ја врз памучна крпа. Свиткајте ја во ролат, а потоа завиткајте ја и во влажната крпа (или отпосле навлажнете ја).
Додека се лади кората исечкајте ги ситно киселите краставички и измешајте ги со туната и мајонезот. На крај зачинете со малку сенф. Од кората отстранете ја хартијата, па преку целата површина премачкајте ја со филот од туна.
Повторно свиткајте го ролатот во проѕирна фолија и оставете го да се стегне во фрижидер. Потоа сечете на парчиња со дебелина од 1-1,5 см или по желба. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: