Лимонадата е одличен освежителен напиток за топлите денови, но и одлично решение за зимските денови како природен извор на витамин Ц. Обично се цеди сако сокот од пулпата, а најлековитиот дел од лимонот, а тоа е кората, се фрла.
Не правете ја веќе оваа грешка и пригответе ја лимонадата на вистинскиот начин. Постојат повеќе рецепти за приготвување на лимонада, но ова е најдобриот однос помеѓу лимонот, шеќерот и водата, за да се добие идеална лимонада. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 лимони со средна величина (300 мл исцеден сок), 5 лажици шеќер
ПОСТАПКА: Бидејќи за подготовка на лимонадата потребна е и кората на лимоните, доколку истите не се органски, мора претходно добро да ги исчистите. Оставете ги половина час во вода во која сте додале лажица сода бикарбона, а потоа убаво истријте ги и исплакнете ги со ладна вода.
Откако ќе се исушат, кората од лимоните изрендајте ја на ситната страна од рендето, сè до белиот дел. Значи, рендајте го само површинскиот слој, а белиот оставете го, бидејќи тој многу горчлив. Во ренданата кора додајте пет супени лажици кристал шеќер и промешајте.
Мешавината од рендана кора и шеќер оставете ја да одмори најмалку половина час, а може да ја оставите и преку цела ноќ, ако лимонадата ја приготвувате за следниот ден. Доколку кората не ја изрендате, туку само ја излупите со нoжето за лупење компири, тогаш ќе биде потребно повеќе време, околу 2 до 12 часа.
За тоа време, од кората ќе се ослободат сите етерични масла и витамин Ц кој се содржи многу повеќе отколку во пулпата. Течноста што ќе ја добиете ќе биде еден вид „маслен шеќер“ со прекрасна арома. Во старите рецепти, оваа мешавина се става во литар топла вода и се вари неколку минути додека да се растопи убаво шеќерот. Овој чекор можете да го исклучите.
Во меѓувреме, рачно на цедалка исцедете го сокот од петте лимони (внимавајте да не пропуштите некоја семка, мора сите семки да бидат отстранети). Од пет лимони треба да добиете 300 мл сок.
Количината на течноста може да варира, а тоа зависи од хидрираноста на самите плодови. Па, доколку добиете помалку од 300 мл лимонов сок, тогаш исцедете уште еден лимон за да ја надополните оваа количина.
Добиениот сок помешајте го со мешавината од рендана кора и шеќерот, па промешајте за да се раствори шеќерот. Оставете ја смесата да одмори 5-10 минути. Потоа целата содржина процедете ја низ цедалка за да остане само чистиот сок, без пулпа и без кора.
Истискајте колку можете повеќе да добиете сок. Потоа додајте еден литар вода и промешајте. Вашата лимонада е подготвена за послужување. По желба во лимонадата можете да додавате ливчиња од нане, босилек, лаванда и слично. Вака приготвената лимонада има предобар вкус, уживајте…