Тестенините се секогаш добар, заситен и вкусен оброк кој може да се приготват на милион различни начини. Некои ги сакаат само со ситно сирење или доматен сос, други потпечени со јајца и сирење, трети со болоњезе сос од мелено месо, но дефинитивно овие многу ќе ви се допаднат, ако не сте ги пробале досега.
Освен болоњезе сос, тестенините може да ги подготвувате на уште еден начин со мелено месо. Во последно време, кај нас дома се јадат само овие тестенини, дури и дечињата научија сами да ги подготвуваат. Вака подготвеното мелено месо во бел сос, ги прави тестенините многу кремасти и сочни, подобри и од оние што ги послужуваат во рестораните.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г мелено месо по избор, 100 мл масло, 1 главица кромид, 400 г тестенини, 1 лажица црвен, мелен пипер, 1 лажица сув зачин (вегета), ½ лажичка сол, 200-300 мл неутрална павлака, 200 г кашкавал, пармезан за наросување.
ПОСТАПКА: Исечкајте го ситно кромидот, па со малку вода, масло и сув зачин издинстајте го. Ринглата на која што се пржи кромидот, треба да биде вклучена на ниска температура. Потоа додајте го меленото месо, па динстајте додека течностите од месото да испарат.
Месото се пржи релативно за кратко време, но откако тоа ќе ја промени бојата, оставете течноста да испари, а потоа пржете го уште малку, додека да фати коричка. Вкусете го месото и по потреба додајте сол, црн пипер и други зачини по вкус.
Во врелото месо, ставете 200 г рендан кашкавал, што лесно се растопува и енергично измешајте ја смесата додека кашкавалот да се соедини со месото. На овој начин, тоа излегува многу кремасто и сочно. Во месото додајте ја неутралната павлака за готвење, а ринглата намалете ја на најниска температура.
Кога павлаката за готвење малку ќе се загрее, тргнете го тавчето од рингла. Тестенините сварете ги во солена вода, најдобро за овој сос е доколку направите шпагети или јуфки.
Исцедете ги јуфките од водата во која се вареле (сварете ги според упатството на кесичката, колку што е определено времето). Потоа, ставете ги тестенините во сосот, измешајте добро и веднаш послужете. По желба може да декорирате со пармезан.
По желба, ако имате повеќе време, вака подготвената смеса може да ставите да се потпече 15-тина минути на највисока температура, за кашкавалот одозгора да направи фина коричка, но секако овој процес не е задолжителен, а сепак вкусот на овие тестенини е преубав.