Оваа посна торта по вкусот не заостанува зад другите торти, па затоа запишете си го вашиот тефтер за да ја имате за некои специјални пригоди. Се приготвува многу брзо и едноставно. За приготвувањето ќе ви биде потребен посен шлаг кој можете да го набавите од големите супермаркети, а на чија амбалажа е обележано дека станува збор за посен производ.
Потребни состојки: 300 г брашно, 150 г шеќер, 10 г ванилин шеќер, 1 лажичка прашок за печиво, 3 лажици какао, 300 мл газирана вода, 100 мл масло, 100 г посен бисквит, 3 лажици мед, 5 лажички џем од кајсии, 3 лажички вода, 100 г посно чоколадо, 3 лажички масло, 110 г посен шлаг + 200 мл газирана вода и ореви за декорација
Постапка: најпрво одберете 100 г посни кекси по ваш избор и искршете ги на крупни парчиња, па ставете ги во блендер или сечко и сомелете ги. Во посебен сад ставете 300 г просеано брашно, па додајте една лажичка прашок за печиво.
Низ ситото просејте и три супени лажици какао во прав. Потоа додајте 150 г кристален шеќер и 10 г ванилин шеќер (една кесичка) и 100 г мелени посни кекси. Добро измешајте ја содржината со лажица или шпатула за да се изедначат рамномерно сите состојки.
Во сувите состојки започнете постепено да додавате 300 мл газирана вода додека непрекинато матите со миксер. Во смесата додајте и 100 мл масло, па продолжете да матите додека смесата да се изедначи. Пред крај додајте 3 супени лажици мед.
Добиената смеса излејте ја во тенкиот плех од рерната, претходно обложен со хартија за печење. За подоцна полесно да ја отстраните кората, хартијата малку намастете ја со кокосово или обично масло. Рамномерно распоредете и израмнете.
Ставете да се пече во загрената рерна на 190 стеопени околу 20-25 минути. Проверете со чепкалка кога е готова. Печената кора оставете ја малку да подизлади, па превртете ја врз крпа и внимателно отстранете ја хартијата.
На страна ставете 100 г посно чоколадо искршено на коцки и додајте 3 лажици масло. Растопете на пареа или на тивок оган, па глазурата оставете ја 3-4 минути да се подизлади.
Во друг сад растворете 5 лажици џем од кајсии или по ваш избор со 3 лажици вода. Печената кора кога ќе се олади исечете ја на три еднакви делови (најдобро е да се послужите со линијар). Првата кора ставете ја во чинија за сервирање па рамномерно премачкјате ја со 3 лажици од растворениот џем.
Одозгора нанесете 2-3 лажици од чоколадната глазура и израмнете. На страна изматете го шлагот со газирана вода, па нанесете околу 5 полни лажици од добиениот шлаг. Рамномерно израмнете, па ставете ја втората кора. Постапката повторете ја исто како и за првата кора.
На крај кога ќе завршите и со третата кора, која исто така ќе ја премачкате со џем, чоколадна глазура и шлаг, тортата оставете ја во фрижидер преку цела ноќ. Потоа можете да ја декорирате со мелени или сечкани ореви. Деталите од постапката м ожете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.