Солена посна торта со розен кори, брзо и вкусно, декоративно предјадење идеално за посна слава. Рецепт на Лесно е да се готви. Солена посна торта со розен кори. Декоративно, вкусно, ладно предјадење кое е идеално за време на пост или за посни слави.




Потребни состојки: 1 пакување солени розен кори, 300 мл вода, 4 лажици густин, 250 г посен мајонез, 100 г посен маргарин, 2 конзерви туна од по 320-360 г (во видеото се користат конзерви од по 160 г), 450 г пченка во зрно + 200 г ако сакате да биде побогата тортата.




Исто така, може да додадете 4-5 кисели краставички, 1 лажичка црвена пиперка во прав, сол и црн пипер по вкус. За наросување: 100-150 г посен кашкавал, по желба сечкани солени кикирики.




Постапка: Најпрво сварете ја пченката според упатството на амбалажата, околу 10 минути. Потоа процедете ја. Од 300 мл вода одземете малку за да разматите 4 лажици густин, а остатокот вода ставете ја на оган да зоврие.




Во водата додајте малку сол, а кога ќе зоврие постепено додавајте го густинот и мешајте додека да се згусне. Во топлиот фил додајте 100 г посен маргарин и мешајте додека тој да се растопи и соедини.




Можете да матите со жица или со миксер. За побрзо да се олади филот, префрлете го во друг сад. Конзервите туна исцедете ги од вишокот масло и добро иситнете ги со виљушка. Додајте црн пипер и промешајте. На процедената пченка додајте сол по вкус и промешајте.




Во изладениот фил постепено додавајте го посниот мајонез, лажица по лажица и мешајте додека да се соедини. Добиениот фил поделете го на два еднакви делови и малку оставете за премачкување на целата торта.




Едниот дел додајте го во пченката и промешајте добро да се изедначи, а истото направете го со втората половина и иситнетата туна. Двата фила поделете ги секој на три делови, за да можат рамномерно да се филуваат розен корите.




Филување: кора-фил од пченка, кора-фил од туна и така сè додека да се потрошат состојките. Во дел од остатокот од филот што го оставивте настрана додајте малку зачинска црвена пиперка и промешајте за да добиете завршен, црвен фил, врз кој ќе ставите уште една розен кора.




Врз тортата ставете нешто тешко за да можат корите да се стегнат, околу 20-тина минути. Потоа премачкајте ја тортата со остатокот од филот и одозгора наросете рендан посен кашкавал. Деталите околу постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.