Рецепт и видео презентација на “Лесно е да се готви” ( Lako je kuvati ) – Солена посна торта со розен кори. Декоративно, вкусно, ладно предјадење кое е идеално за време на пост или за посни слави.
Потребни состојки: 1 пакување солени розен кори, 300 мл вода, 4 лажици густин, 250 г посен мајонез, 100 г посен маргарин, 2 конзерви туна од по 320-360 г (во видеото се користат конзерви од по 160 г), 450 г пченка во зрно + 200 г ако сакате да биде побогата тортата
Исто така, може да додадете 4-5 кисели краставички, 1 лажичка црвена пиперка во прав, сол и црн пипер по вкус. За наросување: 100-150 г посен кашкавал, по желба сечкани солени кикирики
Постапка: Најпрво сварете ја пченката според упатството на амбалажата, околу 10 минути. Потоа процедете ја. Од 300 мл вода одземете малку за да разматите 4 лажици густин, а остатокот вода ставете ја на оган да зоврие.
Во водата додадете малку сол, а кога ќе зоврие постепено додадете го густинот и мешајте додека да се згусне. Во топлиот фил додадете 100 г посен маргарин и мешајте додека тој да се растопи и соедини.
Можете да матите со жица или со миксер. За побрзо да се олади филот, префрлете го во друг сад. Конзервите туна исцедете ги од вишокот масло и добро иситнете ги со виљушка. Додадете црн пипер и промешајте. На процедената пченка додадете сол по вкус и промешајте.
Во изладениот фил постепено додадете го посниот мајонез, лажица по лажица и мешајте додека да се соедини. Добиениот фил поделете го на два дела и малку оставете за премачкување на целата торта.
Едниот дел додадете го во пченката и промешајте добро да се изедначи, а истото направете го со втората половина и иситнетата туна. Двата фила поделете ги секој на три дела, за да можат рамномерно да се филуваат розен корите.
Филување: кора-фил од пченка, кора-фил од туна… додека да се потроши материјалот. Во дел од остатокот од филот што го оставивте на страна додадете малку зачинска црвена пиперка и промешајте за да добиете завршен, црвен фил, врз кој ќе ставите уште една розен кора.
Врз тортата ставете нешто тешко за да можат корите да се стегнат, околу 20 минути. Потоа премачкајте ја тортата со остатокот од филот и одозгора наросете рендан посен кашкавал. Деталите околу постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.