Оваа година веројатно ќе имаме доволно кајсии за мармалад, џем, слатко и сок. Ова многу вкусно и лековито овошје за жал, го нема преку целата година и во неговиот свеж плод можеме да уживаме само извесен период. Има години кога кајсии нема ни за лек, па барем оваа дождлива пролет и лето да уживаме во овој вкус.

Рецептот за сирупот од кајсии е проверен и лесен за приготвување. Сирупот е густ, па така неразреден може да се прелива врз сладолед од ванила или вз павлака, а кога ќе го разредите потсетува на омилениот густ сок од кајсии од нашето детство, оној од фруктал во тетрапак… Милина!

Потребни состојки:

1 кг кајсии
800 мл вода
500 г шеќер/фруктоза/стевија

Постапка:

Кајсиите измијте ги добро, извадете им ги семките и исечете ги на помали парчиња. Ако се домашни и непрскани никако немојте да ги лупите, зошто токму лушпата е таа што дава убава и миризлива арома.

кајсии

Кајсиите ставете ги во лонец со дебело дно и прелијте ги со вода. Ставете на умерен оган и кога ќе зовријат варете ги 15-тина минути (ако е пресилен оганот, намалете го).

Потоа испасирајте низ сито-пасирка (пасирката ставете ја преку друг лонец зошто подоцна во него ќе продолжи варењето на сирупот).

пасирање

Кога ќе го испасирате овошјето, во добиениот сируп додадете го шеќерот и продолжете со варење на тивок оган додека сирупот да згусне. Оставете го да излади, а потоа складирајте го во чисти, суви стерилизирани шишиња. Сирупот чувајте го на ладно или фрижидер.

сируп за сок на растворање

За сок: сирупот разредувајте го со вода според вкус.

Неразреден има прекрасен вкус и мирис, па одличен е како прелив за сладолед или за појадок да додадете во вашиот појадок со јогурт и овошје.