Сочни шницли со печурки во многу вкусен сос, меки како путер – ова е едно одлично јадење кое можете да го приготвите за ручек. Овие шницли во деликатесниот сос и вкусните печурки се дефинитивно јадење кое никого нема да го остави рамнодушен. Месото е исклучително сочно и вкусно, се топи во уста како локум.




Мисиркиното месо инаку важи за попосно и потврдо месо, па луѓето обично одбегнуваат да го подготвуваат, бидејќи е потребно подолго време да се динста. Но, ова месо е едно од најздравите меса и се препорачува во речиси секоја диета, особено ако е здравствена. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: Филети од мисиркино месо (3 големи парчиња), сол и црн пипер по вкус, сенф (по 1-2 лажици за секоја филета), 20 г путер (по една мала лажичка врз секоја шницла), 1 главица кромид, 500 г свежи шампињони, 2 чешниња лук, магдонос, говедска коцка за супа, 1 лажица балсамико оцет по желба, 300 мл вода




ПОСТАПКА: Секоја тенка шницла посолете ја и запиперете ја од двете страни по вкус, а потоа преку целата површина премачкјате ја со малку сенф. Може да користите неутрален или лут сенф по вкус.




Во голема широка тава загрејте малку масло на умерено силен оган, па пропржете ги шницлите од двете страни, вкупно 10 минути. Кога ќе ги превртите шницлите да се запечат и од другата страна, одозгора ставете им на секоја по едно мало парче путер, полека да се растопува од топлината.




Додека шницлите се динстаат, на страна ситно исечкајте една главица кромид и 2 чешниња лук, па извадете ги шницлите, а во истото масло запржете го кромидот со лукот. Додајте и една мала коцка путер, околу една супена лажица.




Шампињоните крупно исечкајте ги, па додајте ги во запржениот кромид. По желба додајте околу една супена лажица балсамико оцет за слаткасто-кисел вкус. Динстајте ги печурките околу 5 минути под капак.




Потоа додајте 300 мл вода, вратете ги шницлите и додајте една говедска коцка за супа. Динстајте под капак половина час. Месото повремено превртувајте го. За тоа време ситно исечкајте малку магдонос и кога месото е готово, пред крајот зачинете го со сол и црн пипер по вкус, додајте и малку сув зеленчуков зачин (вегета) и сечкан свеж магдонос.




Јадењето е готово кога вишокот течност ќе испари, а на дното ќе остане само вкусниот сос со печурките. Послужете топло. деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.