Некој ги сака крцкави и шупливи или сочни и месести, мали или големи, пржени или печени, потемни или посветли, но дефинитивно тулумбите се една од омилените слатки во регионот и пошироко. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл вода, 250 мл млеко, 1 мал филџан (од 50 мл) масло, 1 мал филџан шеќер, 18 супени лажици брашно или 300 г, 1/2 кесичка прашок за печиво (5 г), 4 јајца. ЗА ШЕРБЕТ: 2 чаши од 250 мл вода, 4 чаши шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, малку лимон, најмалку 700 мл масло за пржење
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г брашно, 400 мл вода, 150 мл масло, 5 јајца, 1 супена лажица шеќер, 1 кафена лажичка сол, масло за пржење. ЗА ШЕРБЕТ: 1 литар вода, 600 г шеќер, 1/2 лимон
ПОСТАПКА за рецепт 1: Најпрво пригответе го шербетот. Одокативен сразмер меѓу водата и шеќерот: вода треба да има два прста над шеќерот. Се варат заедно на тивок оган 20-30 минути од моментот на зовривање. Не смее да биде премногу редок, ниту прегуст, туку фин сирупест. По желба се додава малку лимонов сок или 1-2 парчиња исечени кругови. Се остава целосно да се олади, а може да се приготви и еден ден претходно.
За тестото: водата, млекото, маслото и шеќерот ставете ги на оган. Садот тргнете го настрана, па одеднаш додајте го брашното помешано со прашокот за печиво. Енергично мешајте со дрвена лажица додека тестото да се изедначи, па вратете го тенџерето на оган и продолжете со готвење нешрекинато мешајќи уште неколку минути или додека тестото започне да се одвојува од ѕидовите на садот.
Тестото тргнете го на страна и оставете целосно да се олади со повремено промешување за да не фати коричка на површината. Во оладеното тесто започнете да ги додавате јајцата, но не одеднаш, туку едно по едно. Секое јајце добро измесете го во смесата додека целосно да се впие во тестото, па дури потоа додајте го следното. Тестото на крај треба да биде меко, мазно и свиленкасто.
Неколку совети за пржењето: Тестото се полни во специјален калап за истиснување на тулумби. Тулумбите се пржат во длабоко масло и треба да пливаат во него. Маслото не смее да биде премногу врело. Тулумбите се ставаат во ладно или млако масло, па се засилува огнот на средно умерена температура. Ако маслото е премногу врело, тулумбите ќе се надујат и во средината ќе останат шупливи и нема сите еднакво да се испржат.
Откако ќе испржите една тура, маслото оставете го малку да се подизлади, па ставете ја следната тура. За да не чекате многу долго, излејте една шолја масло, а наместо неа додајте ладно масло. За следното пржење повторно излејте една шолја, а додајте ја претходната која во меѓувреме се оладила.
Не го преполнувајте тенџерето со тулумби, зашто тие во текот на пржењето ќе нараснат, па ќе намаат доволно простор за вртење (треба сами да се вртат кога едната страна ќе им се испржи, а по потреба на некои треба да им се помогне). Ножиците или прстите треба да бидат намастени за секое сечење.
Кога ќе заруменат од сите страни (и ребрата и просторот помеѓу ребрата), со решеткава лажица вадете ги, малку држете ги над маслото за да се оцедат и веднаш редете ги во ладниот шербет. оставете ги да се натопуваат додека да се испржи следната тура. Потоа вадете ги и редете ги една до друга во некоја тепсија. Кога ќе ги испржите сите тулумби, одозгора залијте ги со преостанатиот шербет. Покријте ги и оладете ги на собна температура, па потоа чувајте ги во фрижидер. Еве ја постапката и за вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: направете го шербетот и оставете да се олади (варете го шеќерот со водата додека да добиете сируп кој полека лизга од лажицата). За тестото: ставете вода, масло, шеќер и сол на оган. Штом зоврие исклучете го шпоретот, па додајте брашно и мешајте додека да се добие тесто. Оставете го да се олади.
Во оладеното тесто додавајте ги јајцата едно по едно и месете/матете додека смесата добро да се изедначи. Колку подобро се меси, толку тестото е поубаво. Ставете ја смесата во калап за тулумби и истуснувајте ги помали или поголеми во загреано масло на умерена температура. Пржете ги неколку минути додека да заруменат, па вадете ги и директно ставајте ги во ладниот шербет. По неколку минути вадете ги и редете ги во соодветен сад. / Сооlinarika.сom