СОЧНИ ЦРНИ ЧУПАВЦИ…Испробајте го рецептот за овој вкусен, брз и лесен колач…
Овие црни „чупавци“ (однадвор и однатре) ќе бидат убава промена на вашата трпеза. „Чупавци“ се колачот на нашата младост, ги правевме заедно со мама или баба и за миг ги јадевме со чаша млеко.
Малку помодерна верзија на овој колач е премачкана со мармалад за да и даде нова нота, но и сочност. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:
120 г путер
100 г шеќер
2 јајца
120 г брашно
1 лажица какао
1 прашок за печиво
25 мл сварено кафе
80 г чоколадо за готвење
4 лажици мармалад од малини, портокали, боровинки
300 мл млеко
150 г чоколадо за готвење
250 г кокос
ПОСТАПКА:
Путерот и шеќерот изматете ги со миксер додека да добиете пенеста смеса. Додајте едно по едно јајце и добро изматете. Додајте просеано брашно со прашок за печиво и какао.
Добро промешајте и додајте стопено чоколадо и кафе (само околу 3 лажици кафе).
Смесата распоредете ја во калап 20х30 см кој претходно сте го обложиле со хартија за печење и печете на 180°C околу 10 – 15 минути. Проверете со чепкалка за заби.
Оставете да се излади и намачкајте ја целата површина со мармалад по желба. Бисквитот пресечете го на половина и преклопете ја едната половина преку другата.
Исечете коцки и ставете ги во замрзнувач додека да ја подготвите смесата за натопување.
Во мало тенџере ставете ги млекото и чоколадото да се растопат на тивок оган. Внимавајте млекото да не зоврие. Тргнете го од оган и промешајте ако целото чоколадо не се стопило.
Нека се излади малку. Ставете го кокосот во плиток сад. Потопувајте ги кратко коцките во смесата и валајте ги во кокосот. Ставете ги да се изладат во фрижидер или ако не можете да чекате како мене, јадете ги додека се уште топли.
Совет: Ова е релативно мала количина, па ако сакате можете да ја удвоите смесата и да ја печете во поголем калап. Од оваа количина јас добив 20 коцки. Рецепт на Хината.
Омилените ЧУПАВЦИ во посна верзија: Во внатрешноста се меки и сочни како локуми, мерки на лажица