Ви го претставувам колачот на баба ми, кој таа го нарекуваше „Сочна зебра“. Се присетив на него кога случајно го видов во една слаткарница, па веднаш си го направив. Моите дома го обожаваат бидејќи е многу мек, има неодолив вкус и крцкава тенка коричка. Еве што ви е потребно за да го направите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 5 белки, прстофат сол, 5 жолчки, 180 г шеќер, 100 мл млеко, 100 мл масло, 250 г брашно, 1 лажичка прашок за печиво, 1 голема лажица какао во прав. ЗА ПУДИНГОТ: 800 мл млеко, 80 г ванилин пудинг (2 кесички) или пченкарен скроб, 2 големи лажици шеќер.
ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ: 250 мл крем (слатка павлака), 30 г ванилин или обичен шеќер, 400 г кисела павлака со 30% киселост. ЗА ДЕКОРАЦИЈА: 100 г ситно сечкани ореви, 100 г кокосови трошки, еден ред рендано чоколадо или декорирајте по желба.
ПОСТАПКА ЗА ТЕСТОТО: Издвојте ги белките од жолчките. Во белките додајте прстофат сол и започнете да ги матите со миксер, додека да станат пенасти. Кога ќе се формира снег од белки, преминете на подготовка на жолчките.
Во жолчките додајте 180 г шеќер и изматете ги со миксер до соединување во кремаста смеса. Во жолчките започнете постепено да го додавате млекото додека непрекинато матите со миксерот, па на истиот начин додајте го и маслото и брашното, измешано со прашокот за печиво.
Брашното и прашокот за печиво треба да бидат просеани пред да се додадат во кремастата смеса од жолчки. По додавањето на сувите состојки, смесата продолжува да се соединува со лажица. Треба да има погуста конзистентност, како онаа за подебелите палачинки.
Додајте го снегот од белки и полека измешајте со превртување на лажицата, додека смесата да стане еднолична, а сепак пенлива и воздушеста. Во плех со стандардна големина (квадратен), во кој сте обложиле хартија за печење, излејте половина од смесата и израмнете ја површината. Во останатата половина додајте го какаото во прав и повторно, внимателно промешајте до изедначување.
Одозгора излејте ја чоколадната половина во неколку цик-цак потези, за да се распореди како шари. Може и да не ја излевајте преку целата бела половина, доволно е само на средина, па со дрвена чепкалка да направите различни линии кои ќе изгледаат декоративно.
ЗА ПУДИНГОТ: 800 мл млеко на собна температура се става да зоврие во тенџере на рингла. Се одвојува сосем малку од количината да се измеша со 80 г пудинг од ванила или пченкарен скроб, а во поголемата количина која сте ставиле да зоврие се додава шеќерот.
Кога млекото ќе се загрее, се додава пудингот измешан со малку млеко и убаво се соединува, па се готви со непрекинато мешање додека да згусне. Врелиот пудинг се излева преку чоколадната смеса во плехот и повторно со дрвена чепкалка се прават разни линии за да се распореди и да се добијат разновидни шари.
Koлачот се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 30-тина минути. Кога колачот ќе добие фина коричка, се вади од рерна и се остава целосно да се олади. Доколку имате флексибилен обрач со истата големина, би било одлично да го ставите околу колачот, за кремот да биде убаво распореден.
Во меѓувреме се подготвува кремот: 250 мл слатка павлака се миксира со шеќерот додека да се добие шлаг. Во цврстиот шлаг се додава 400 г кисела павлака и двете состојки се мешаат со лажица/шпатула додека да се соединат во еднолична смеса која треба да се премачка врз оладениот колач и рамномерно да се распореди.
Колачот можете да го декорирате со ситно сечкани ореви измешани со рендано чоколадо и малку кокосови трошки, или пак, по желба. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.