Рецепт и видео: Валентина Машковиќ

Добро утро драги пријатели, почитувани домаќинки и домаќини. Тиквичките се секогаш добредојдени на нашата трпеза, без разлика на тоа како се приготвени: похувани, во мусака, паста или слично.

И овојпат не е ништо поразлично, кога станува збор за питата која ќе ги задоволи и најпребирливите дегустатори. Залаците се топат во уста и многу кратко време откако првпат ќе ја пробате, ќе стане редовна во вашето мени.

Идеална е за појадок, вечера, како и за главно јадење, но и за послужување на гости.

Потребни состојки:

1 кг тиквички
2 пиперки
50 г магдонос
сол, црн пипер и зачини по ваш вкус
500 г макарони обарени
400 г сирење
200 г кашкавал
3-4 јајца
100 г пармезан или кашкавал за одозгора

Постапка:

Тиквичките исечкајте ги на коцки (без лупење, само краевите отстранете ги), па пропржете ги на маслиново масло додека да испари течноста. Потоа префрлете ги во посебен сад, додадете лажичка сол, ситно сечкан свеж магдонос, црн пипер, малку оригано, праз во прав или кромид во прав, па изблендирајте ги со рачен миксер. Смесата соединете ја со претходно сварените макарони.

Од пиперките отстранете ја дршката и семките, па ситно исечкајте ги, па малку пропржете ги. Потоа додадете ги во смесата. Промешајте и ситно сирење, рендан кашкавал и 3-4 јајца.

Сите состојки промешајте ги за да добиете изедначена смеса. Излејте ја во огноотпорен сад или плех со средна величина.

Одозгора наросете рендан кашкавал и сусам. Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени, 15 минути. Деталите можете да ги погледнете во видеото: