Ова е еден старински колач со многу добар вкус и мирис на мед, цимет, ореви и сок од лимон. За сите љубители на сочни колачи, овој со мед и лимон сигурно ќе им се допадне.
Потребни состојки: 4 јајца, 100 г шеќер, 2 ванилин шеќер, 4 лажички мед, 4 лажици лебни трошки, 4 лажици меко брашно, 4 лажици гриз, ½ прашок за печиво, 200 г мелени ореви (може половина да бидат сечкани), 1 лажичка цимет во прав и 1 лимон – кора и лимон
За прелив: 100 г мед, 150 мл вода, 1 лимон – сок и 1 ванилин шеќер.
Постапка: пенасто изматете ги жолчките со шеќер и ванилин шеќер. Во светлата пенаста мешавина додајте мелени ореви, мед, трошки, брашно и гриз со прашок за печиво, цимет, сок и рендана кора од еден лимон.
Убаво промешајте, па внимателно додајте го цврсто изматениот снег од белки (додајте еден прстофат сол кога ќе ги матите белките).
Смесата убаво со лажица измешајте ја внимателно за да остане воздушеста. Потоа излејте ја во помал калап кој претходно сте го намастиле со путер и малку набрашниле.
Колачот печете го 45 минути во загреана реррна на 160-170 степени. Печениот колач извадете го да се олади. Треба да биде млак кога ќе се прелие со топлиот прелив од мед и лимон.
За прелив: на тивок оган ставете го медот со водата и мешајте додека да се растопи медот (не треба да врие), па додајте ја ванилата и лимоновиот сок.
За подобро да го впие колачот топлиот сируп, претходно избоцкајте со чепкалка на неколку места.
По желба можете да го украсите со мелени ореви. Исто така, кога ќе го послужувате колачот, можете дополнително врз секоја коцка да ставете 1-2 лажици мешавина од мед и сок од лимон и да ставите една јатка орев.