Убаво се приготвува и со покрупно мелен рогач, но од искуство ви велам дека најубаво излегува кога е фино мелен.
Потребни состојки: 4 јајца, ½ шолја шеќер (100 г), ½ шолја млеко (100 мл), ½ шолја масло (100 мл), 1 шолја брашно (130 г), 2/3 шолја мелен рогач (100 г) – просејте го да нема грутчиња, 2 ванилин шеќер, 1 прашок за печиво и 3 големи јаболка
За глазура (кој сака може да стави, но не мора) 150 г чоколадо за готвење и 6 лажици масло
Постапка: Вклучете ја рерната на 180 степени. Изматете ги јајцата со шеќерот и ванилин шеќерот. Додадете млеко, масло, брашно, прашок за печиво и рогач, па изматете со миксер.
Изрендајте (не ги сечкајте, ИЗРЕНДАЈТЕ ги, зошто нема да биде така сочен колачот) во смесата 3 јаболка. Измешајте ја смесата со лажица и излејте ја во тепсија со димензии 20х30 см.
Јас имам тепсија што не лепи, па не ја мачкам со ништо. Доколку би ја немала, би печела во тепсија обложена со хартија.
Се пече 30 минути на 180 степени.
Врз изладениот колач може да се прелие чоколадна глазура. На пареа се растопува чоколадото за готвење и се додава 6 лажици масло. Кога малку ќе излади се прелива врз колачот.