Сите ја сакаат баклавата, но за неа е потребно малку повеќе време и материјал. Овој колач по вкус е ист на баклавата, а се приготвува сосе печење за половина час. Се матат сите состојки, се пече колачот и се залива со шербетот. Некои го нарекуваат „Емили“ колач, па доколку не сте го пробале, запишете си го и следната пригода направете го. Ќе ве воодушеви – Линда.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 2 шолји шеќер, 1 шолја масло, 1 шолја млеко, 1 шолја гриз, 1 шолја остро брашно, 2 шолји мелени ореви. За шербет: 500 мл вода, 2 шолји шеќер. Сите состојки се мерат со една иста шолја од 200 мл.
ПОСТАПКА: Пенасто изматете ги јајцата со постепено додавање на шеќерот додека тој да се растопи и да добиете густа, светла смеса. Потоа додајте ги останатите состојки. Најдобро е прво да ги додавате течните состојки, а на крај сувите, односно, двете брашна претходно да ги измешате.
Добиената смеса излејте ја во намастен и набрашнет плех (20х30 см или плех од рерна) и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу половина час. Врелиот колач прелијте го со млак шербет.
За шербет: зовријте ја водата со шеќерот и варете додека шеќерот целосно да се растопи. Откако ќе зоврие оставете да се вари 3-4 минути, а пред крај по желба додадете лимонов сок. Оставете го малку на страна да подизлади, да не е премногу врел кога ќе го преливате.
Колачот откако ќе го прелиете рамномерно со шербетот, наросете го одозгора со мелени ореви. Се користи шолја од 200 мл, а количината е доволна за поголем плех 30х20 см. Јас правев половина од количината па ми излезе потенка – Линда. Прочитајте го рецептот и за Македонска баклава – преубав потурен колач со гриз и ореви, сочен, превкусен! Според рецептот на Родна Трпеска.
Потребни состојки: 3 јајца, 150 г шеќер, 15 лажици млеко, 15 лажици масло, 15 лажици гриз, 15 лажици брашно, 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер, 200 г мелени ореви. За шербет: 400 г шеќер и 400 мл вода
Постапка: јајцата пенасто изматете ги со шеќерот додека тој да се растопи, па потоа постепено додавајте ги останатите состојки. На крај додајте ги мелените ореви и лесно со лажица промешајте од долу кон горе за да остане смесата пенлива.
Добиената смеса излејте ја во претходно намастен и набрашнет плех со димензии 20х30 см (или 20х25) и со лажица израмнете. Колачот печете го во загреана рерна на 180-200 степени додека убаво да зарумени.
Оставете го колачот да излади, а во меѓувреме сварете го сирупот: во едно тенџере ставете ги водата со шеќерот да зовријат околу 5 минути. Изладениот колач исечете го на коцки, па прелијте го со топлиот сируп.