Кога станува збор за чоколадните колачи може да кажам дека ги сакам во секаква варијанта, посуви или посочни, покремасти или побисквитни, послатки или понеутрални. Неодамна си го запишав рецептот на Бранка и го подготвив нејзиниот чоколаден куглоф, па не само што се воодушевив јас како љубител на чоколадото, туку и сите што го пробаа. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г брашно, 1/2 кесичка прашок за печиво, 200 г шеќер, 25 г какао во прав, 100 мл сок од портокал, ситно рендана кора од 1 портокал, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 100 г кока кола или пепси, 100 мл масло и 3 јајца. За декорација: 100 г чоколадо за готвење, 3 лажици масло, 3 лажици кока кола или пепси, џем за премачкување




ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете три јајца па пенасто изматете ги со миксер. Започнете постепено да го додавате шеќерот помешан со ванилин шеќер и миксајте додека тој целосно да се растопи и смесата да згусне и стане кремаста.




Потоа додајте го сокот од портокал и добро изматете. Следно додајте го пепсито и продолжете со матење додека да се изедначи, па на крај, во тенок млаз додајте го маслото за готвење, па матете додека да се инкорпорира.




Додајте ја ситно рендана кора од портокал и промешајте. За повоздушеста структура на тестото потребно е сите суви состојки претходно да се помешаат во посебен сад, а потоа да се просејат и да се додадат во неколку наврати мешајќи со лажица или кујнска жица-маталка.




Но, во презентацијата на Бранка видов дека таа сувите состојки ги додава веднаш во мешавината од течните состојки и ги мати со миксер на послаба брзина. Вие постапете како вам ви е полесно, зашто и на двата начини излегува одлично, нема да погрешите.




Значи, додајте го какаото и брашното помешано со прашокот за печиво и матете со миксерот додека да добиете хомогена, изедначена густа, полутечна смеса, без грутчиња. калапот за куглоф (23 см) намастете го со масло и наросете го со брашно, а вишокот истресете го.




Излејте ја смесата во подготвениот куглоф, протресете за да се израмни и да се пополни рамномерно, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени приближно половина час, но најдобро е да се провери со дрвено стапче-чепкалка.




Печениот куглоф оставете малку да подизлади, па превртете го врз десертна чинија и премачкјате го со џем. Потоа пригответе ја глазурата (сите состојки растопете ги на ниска температура) и залијте го колачот. Оставете да се стегне па послужете. Деталите погледнете ги ОВДЕ.