Големи пофалби за Кома Центарот им упати девојчето Мартина кое неодамна лежело таму и успешно се опоравило. Ваквите зборови на благодарност значат многу, особено за здравствените работници кои несебично се даваат себеси во својата хумана професија.
Сосема заслужено персоналот од Кома Центарот секојдневно прима изрази на благодарност, бидејќи работат посветено и професионално, а негата и третманот на пациентите им е на највисоко ниво.
Ова е писмото на девојчето Мартина:
“Со целото свое срце, сакам да изразам голема благодарност до целиот тим за придонесот за моето брзо закрепнување:
Боби – човекот не со едно, туку со две срца;
Нено – мојот аниматор со кој секоја минута беше доживување, се пресмејувавме и беше многу забавно;
чичко Бранко и неговите сендвичи;
Аце – навидум лош, а всушност добар, “кул”;
сестра Биле и нејзиниот хумор;
долгите разговори со Сунче, Ана Марија и нејзиниот “лудило” добар глас;
пристапноста и љубезноста на докторите;
хуманоста и посветеноста на сите останати…
Благодарам за секое “Како си?”, “Да не ти студи?”, “Сакаш да јадеш?”, “Ќе помине…”
Останете такви – Најдобри!
Со почит,
Девојчето Мартина (смајли)”
На нејзиното писмо имаше и одговор:
“Благодариме на убавите зборови Мартина, тие секако ни даваат сила да продолжиме и во овие сериозни времиња, да се бориме за нашите пациенти.
Нема поголема награда за нас како тим, кога нашите пациенти се заблагодаруваат, тоа значи дека оздравеле или одат кон подобро.
Потенцираме КАКО ТИМ, затоа што овие успеси се заеднички. Од операционата сала и хируршката маестралност, преку сестринската нега која може да се спореди единствено со мајчината грижа, но секако и грижата на целиот персонал за милион, навидум ситници, кои значат помош и поддршка и без кои закрепнувањето не оди.
Затоа и ние како тим ти се заблагодаруваме на убавите зборови и ти посакуваме здравје и среќа.
Пациентите како тебе ни даваат сила и желба да се бориме за вас и понатаму, без разлика на тешкотиите и условите во кои се наоѓаме! Сè најдобро Мартина!”, и напиша Соња, сестрата која го води тимот во Кома Центарот.