Чебурек или чебуреки, кој како го нарекува е вид на брза храна, лепињи кои според изгледот потсетуваат на панцероти или калцони, но тоа не сè. Тестото е без квасец, се прави само од брашно од вода, а вкусот е фантастичен.




Претпоставувате сека потекнуваат од Турција. Тоа е комбинација од бурек, панцероти, бидејќи се пржат на масло, но овојпат ќе ги печеме во сува нелеплива тава, а потоа ќе ги премачкуваме со растопен путер. Ќе ви претставиме две верзии на рецептот, една со спанаќ, а втората со месо. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (рецепт 1): 500 г брашно, 300 мл топла вода, 1 лажичка сол, 3 супени лажици масло, околу 500 г свеж спанаќ исчистен и ситно исечкан, неколку млади кромитчиња ситно исечкани и малку свеж копар, ситно сечкан, по вкус.




ПОСТАПКА: Во длабок сад за месење ставете сол, масло, топла вода и брашно, па замесете средно меко тесто кое не се лепи за рака. За да добие еластичност потребно е да го месите 8-10 минути. Пото покријте го со кеса и оставете го да одмора 20-30 минути.




За тоа време пригответе го филот, исечкјате го зеленилото и додајте малку растопен путер, околу 50-100 г. Откако тестото ќе се одмори малку премесете го, па поделете го на 12 топчиња. Топчињата покријте ги со кеса и оставете ги 10-тина минути да се одморат за полесно да се развлекуваат.




Секое топче развлечете го најтенко што можете со помош на оклагија на набрашнета работна површина. Треба да добиете кора тенка како палачинка. На едната половина распоредете од филот, па преклопете со другата половина и притиснете ги краевите со виљушка за да се залепат.




Вишокот тесто отстранете го доколку е потребно. Вака приготвените „чебуреки“ печете ги во нелеплива загреана тава на умерена температура, неколкупати превртувајќи ги додека убаво да заруменат. Кога се печени премачкјате ги од двете страни со растопен путер и редете ги една врз друга за да омекнат. Доколку ги приготвувате со мелено месо:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (рецепт 2): 500 г меко брашно + малку за премесување и развлекување, 250 мл топла вода, 2 лажици масло и 1 прстофат сол. ЗА ФИЛ: 500 г мелено месо, 1 поголема главица кромид, сол и црн пипер по вкус




ПОСТАПКА: Ставете брашно во поголем сад, направете вдлабнување, па додајте вода, масло и малку посолете. Замесете го тестото. Тестото треба да се меси малку подолго, додека убаво да се поврзе и да се изедначи, околу 5-10 минути. Тестото е тврдо, но така треба да биде. Оставете го половина час да отстои покриено до крпа.




За тоа време ситно исечкајте го кромидот, измешајте го со месото и зачините, па и оваа смеса малку замесете ја за да се соединат зачините.

Тестото поделете го на 12 еднакви делови и секој обликувајте го во топче. Не ги месете многу зошто тестото ќе стане жилаво и потешко ќе се развлекува, но и ако тоа ви се случи, само топчињата оставете ги малку да отстојат, па ќе се опуштат.




Секое топче развлечете го во круг колку потенко можете. Нанесете од филот на половината од кругот, префрлете ја другата половина и со виљушка притиснете го тестото. Вишокот од тестото отсечете го. Повторете ја постапката додека да го потрошите тестото и месото. Тестото можете да го полните и со фил за пица на пример, пробавме, исто е одлично.

Во поголема тава налејте масло како за похување, па спуштајте ги чебуреците да се печат на умерен оган рамномерно од двете страни. Не грижете се, нема да биде масно. Пржените чебуреци вадете ги врз хартиена салветка. Одлично одговара со разматена павлака со сечкано лукче и магдонос.