Доколку ви се познати лиснатите погачици кои се продаваат во супермаркетите, во замрзнувачите, тогаш добро го знаете нивниот вкус. Овие погачици се според истиот рецепт, но се многу повкусни, зашто се домашни. По печењето, ги преливам со фил од јогурт и 2 чешниња лук – резултатот е совршен. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл ладна вода, 1 лажичка сол, 60 мл растопен путер, 60 мл масло, брашно се додава по потреба (500-600 г), 500 г павлака/грчки јогурт, 2 чешниња лук, 150 мл вода и уште малку сол.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете ладна вода и посолете ја со 1 мала лажичка сол. Промешајте со жица маталка, па започнете постепено да додавате брашно. На почетокот ставете 200-тина грама, промешајте, па како што ќе згуснува, додавајте сè помалку и помалку брашно.




Додавајте по неколку лажици и константно мешајте со жица или маталка додека почне да се формира тесто. Кога состојките ќе бидат инкорпорирани, започнете да го домесувате тестото со рака колку што му е потребно за да се измазни и да не се лепи на прсти. По густина е средно меко.




Покријте го тестото со проѕирна фолија во садот каде што го замесивте и оставете да одмори 20-тина минути. По изминатото време префрлете го на набрашнета работна површина и поделете го на два еднакви делови. Двете теста посебно обликувајте ги во топчиња.




Прво започнете со оклагија да го развлекувате првиот дел од тестото. Се разлекува во правоаголник колку што можете повеќе, а потоа на средина се премачкува со комбинација од растопен путер и масло. Сосем малку се пропрскува на средина од маслото, па со кујнска четкичка се премачкува до останатите делови.




Преклопете го тестото на едната страна до половина, премачкајте со масло, а потоа преклопете го од другата страна која треба да дојде врз првата преклопена, па повторно премачкајте со масло. Потоа од долу кон горе здиплете го тестото на половина, премачкајте и завршете со превиткување на преостанатата страна (исто како за лиснато тесто).




На истиот начин диплете го и второто тесто во кое на средина треба да го ставите првото тесто. На крајот целото тесто треба да изгледа како коцкаста перница. Ставете го во една чинија и покријте го со фолија, па оставете да одмори додека рерната да се загрее на 225 степени.




По изминатото време, префрлете го тестото на намастен плех и развлечете го колку неговата големина со помош на прстите. Пресечете го тестото на коцки пред да го ставите на печење, а одозгора премачкајте со мешавината од масло и путер. Печете додека лиснатите погачици да заруменат одозгора.

Во меѓувреме направете го филот кој треба да го премачкате одозгора врз печените погачи. Ситно исечкајте две чешниња лук и измешајте ги со павлаката и водата, па посолете по вкус.

Излејте ја смесата врз погачиците и вратете на печење на истата температура додека филот да се спушти врз тестото. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.