За сите оние на кои многу им се допаѓа вкусот на сникерс чоколадото, ова е уште подобро: торта со кикирики и вкусен фил кој се топи во уста. Рецепт на Сузика: Омилената торта на син ми, па и оваа година по негова желба ја приготвив за 17-те најслатки години. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за 3 кори): 12 белки, 450 г шеќер, 3 супени лажици брашно, 450 г кикирики. ЗА ФИЛ: 12 жолчки, 200 г шеќер, 125 г маргарин или путер, 100 г чоколадо за готвење, 4 мали сникерс чоколатца (секое од 50 г, вкупно 200 г), 100 г млечно чоколадо




ПОСТАПКА (следната процедура треба да ја повторите трипати, за да направите три кори од по 4 белки, 150 г шеќер, 1 лажица брашно и 150 г кикирики): Најпрво сировите несолени кикирики испечете ги на тивко во рерна или во сува тава на рингла додека малку да замирисаат. Кога ќе се оладат излупете ги (ако не се лупени), па ситно исечкјате ги.




Белките пенасто изматете ги со миксер, па додека матите постепено започнете да го додавате шеќерот. Матете доволно долго додека шеќерот целосно да се растопи, а снегот од белки е толку цврст што кога ќе го превртите садот – не паѓа.




Во снегот од белки додајте една лажица брашно и 150 г сечкани кикирики, па промешајте со жица или шпатула, полека и внимателно за да остане смесата воздушеста. Распоредете ја во калап за торти со флексибилен обрач 26 см, обложен со хартија и печете околу 20 минути во претходно загреана рерна на 180 степени.




ЗА ФИЛ: Пенасто изматете 12 жолчки со 200 г шеќер додека тој да се растопи и да добиете кремаста смеса, а потоа сварете ги жолчките на пареа околу 10-15-тина минути, односно додека да згуснат (ставете ги врз сад во кој врие вода и непрекинато мешајте ги). За сите оние кои немаат време да ги сварат жолчките, едноставно нека ја замрзнат тортата кога ќе биде готова, и тогаш е безбедна за јадење.




После 10-тина минути готвење на пареа, во жолчките наизменично додавајте коцкички путер и чоколадо за готвење. Гответе уште малку додека сето да се соедини, па тргнете настрана целосно да се олади.




Четири сникерс чоколатца и 100 г млечно чоколадо по ваш избор, ситно исечкајте и додајте ги малку по малку во изладениот крем од жолчки со непрекинато мешање. Исфилувајте две кори, а врз третата ставете глазура од чоколадо или чоколаден шлаг по ваш избор. Мој совет:




Не ја намалувајте количината на чоколадо, бидејќи филот тогаш ќе ви биде малку редок (како што беше мојот, бидејќи едно од децата го изеде едното чоколадо, а не сакаше да оди да купи ново). Тортата е превкусна, има оригинален вкус на сникерс чоколадото -Сузика.