Ова е рецепт за превкусна славска салата со пилешко и варени јајца која им успева на сите од првиот обид. Не е тешка да се направи и за кратко време е готова. Ја сакаат сите и прва се изедува на славската трпеза. Почна сезоната на слави и време е да си го смислите вашето мени.




Она што на секој му привлекува внимание е предјадењето, бидејќи домаќинката може да ја покаже својата креативност и кулинарските вештини. За предјадење може да послужите солени, ситни, лапни-голтни топчиња од неколку состојки, може да биде и пченкарна пита-проја, но она што сите го сакаат е секако салатата.




Салатите на сите им се допаѓаат и секогаш гостите прашуваат за рецепт, особено ако на трпезата има елегантна и декоративна салата, како рецептот кој може да го прочитате подолу. Само наредете ги слоевите од дадените состојки и на крај декорирајте со неколку кисели или свежи краставички. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г пилешко филе (бело месо), 10 печурки по ваш избор, 3 јајца, 150 г тврдо сирење, 1 главица кромид, 2-3 чешниња лук, 50 г магдонос и копар, мајонез по вкус, краставици за декорација, 3-4 лажици оцет, прстофат сол, 1 лажичка шеќер.




ПОСТАПКА: Сварете ги јајцата и пилешкото во посебни тенџериња, а во тава испржете сечкани печурки и сечкан кромид. Кога јајцата ќе се сварат, изрендајте ги заедно со сирењето, а месото исечкајте го што поситно на парчиња.




Во мајонезот додајте рендан, ситно сечкан или поминат низ преса, лук, па посолете и зачинете со црн пипер по ваш вкус. На плехот (садот) каде што ќе ја послужувате салатата ставете неколку листови зелена салата (по избор, само за декорација), а одозгора ставете кружен прстен (обрач за подршка на слоевите).




На дното ставете тенок слој мајонез, а одозгора ставете го сечканото бело месо. Потоа намачкајте уште еден слој мајонез, па додајте ги јајцата и сечканиот магдонос и копар. Премачкајте повторно со мајонез, па наредете ги пржените печурки со кромидот.




Израмнете, па одозгора наредете го ренданото сирење. Намачкајте го последниот слој мајонез и покријте со проѕирна фолија. Оставете ја салатата преку ноќ во фрижидер да се стегне.

Следниот ден, преостанува само да ја декорирате салатата. Измешајте сол, оцет и шеќер, па прелијте ги краставиците кои сте ги исечкале на тенки прстени. Убаво измешајте за секоја краставичка да впие дел од течноста.




Одозгора наредете ги краставиците и оставете ја салатата во кујната еден час пред да ја послужите. Салатата е многу вкусна и изгледа многу декоративно, сите ја фалат и бараат рецепт за неа, а кога дознаваат колку е всушност лесна подготовката, се зачудуваат. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.