Фото и рецепт: Смилјана Видојковиќ – Славски колач.

“Овојпат малку поинаку го приготвив мојот славски колач”, вели Смилјана, а мора да се признае дека нејзината погача е совршено декорирана, за сите пофалби! Ова е нејзиниот рецепт:

Потребни состојки:

1 кг брашно
500 мл млака вода
1 коцка свеж квасец
1 лажичка шеќер
1-2 лажички сол
1 мал филџан масло

За декорации:

300-400 г брашно
3-4 лажици густин/нишесте/скроб
малку сол и малку вода

Постапка:

Издробете го квасецот во малку млака вода со лажичка шеќер и лажица брашно. Разматете да нема грутчиња и оставете 10-тина минути да се запени и да се активира квасецот.

Од наведените состојки замесете убаво мазно тесто, покријте го и оставете го да стасува додека да ја удвои величината. Потоа премесете го и оставете го уште еднаш да стасува.

Размесете го тестото на малку набрашнета површина за да го обликувате и ставете го во тенџере обложено со хартија за печење. Декорациите можете да ги ставите (залепите) додека стасува тестото, а целата погача да ја премачкате со јајце пред печење или со карамелизирана водичка (шеќерна вода), или пак украсите да ги ставите пред крајот од печењето, а потоа само да ги допечете заедно со погачата.

Се пече долго и во зависност од самиот шпорет. Јас го ставам во загреана рерна на 250 степени и веднаш го покривам со хартија за печење (или алу-фолија) додека убаво да порасне.

Потоа го откривам, ја намалувам температурата на 200 степени и го печам додека убаво да зарумени. Кога е печен колачот, се лепат украсите, (се премачкува со јајце-опционо) и се враќа во рерна на 100 степени уште половина час. Декорациите треба да се зацврстат, па јас со рака ги проверувам кога се готови. На крај кога колачот е готов, се премачкува со малку разблажен мед за да добие ваков сјај.

За декорации: Од брашно, густин и малку сол со ладна вода замесете цврсто тврдо тесто. Декорациите можете сами да ги правите со помош на вашите раце и вашата креативност, но може да користите и готови модли за славски колач кои ги има во кинеските продавници, а се порачуваат и од интернет.

Украсите се лепат со каша направена од 3-4 лажици брашно и 2-3 лажици шеќер и малку вода, да добиете густа каша. Кога ќе ги излепите украсите, вратете го колачот во рерна да се залепат и исушат (потсетување: може да ги залепите и на самиот почеток).

Фото и рецепт: Смилјана Видојковиќ