Не ги сакам до толку свежите смокви, но затоа слаткото, џемот и сувите смокви ги обожувам. Ова слатко најмногу го направив поради мајка ми, бидејќи смоквата е нејзиното омилено овошје, па го направив за да ја изненадам.
Потребни состојки:
2 кг свежи смокви
2 кг шеќер
1,8 литри вода
1 лимон (или половина лажичка лимонтус)
Постапка:
Кога ќе ги берете смоквите или кога ќе ги купувате, водете сметка да не бидат премеки или напукнати. Мора да бидат светло жолти, мешано со зелена боја, малку меки на допир.
Исто така, кога ќе ги берете, за оние што не знаат – листовите „жарат“ и честопати предизвикуваат чешање на она место од кожата каде ве допрел листот.
Во едно големо и широко тенџере ставете шеќер и вода, па додајте тркалца лимон (ако ставате лимонтус, тој се става пред самиот крај на готвењето од сирупот).
Оставете да се вари додека да добиете густина на сируп.
Тоа лесно ќе го проверите така што во на една тацна ќе ставите лажиче од сирупот, ќе почекате да излади и потоа ќе го проверите со прстот: треба да биде лепливо, како сируп-сок на разредување.
Или кога лажичка со изладен сируп ќе истурите надолу и ќе паѓаат само капки.
Додека се вари сирупот измијте ги смоквите и отстранете ги дршките. Секоја смоква прободете ја со виљушка однапред и одзади, за да не испука при варењето и за да може убаво да го впие сирупот.
Кога сирупот е готов, додајте ги сите смокви во тенџерето. Би требало сите да бидат во еден ред, но ако има и неколку во втор ред одозгора, не грижете се, брзо ќе паднат и тие во прв ред.
Варете ги смоквите еден час. Тогаш веќе би требало да бидат меки. Проверете дали лушпата е омекната – ако виљушката лесно поминува низ неа. Ако не, тогаш гответе ги уште 10-тина минути.
Кога се готови тргнете ги од оган, покријте го тенџерето со влажна крпа и оставете да излади. Ставете лажица преку тенџерето за да бидете сигурни дека крпата нема да ви пропадне (или закачете ја со штипалки).
Оставете го слаткото да излади до следниот ден, а потоа складирајте го во тегли кои претходно сте ги стерилизирале (без капак сте ги ставиле во рерна на 100 степени 20-30 минути а потоа сте ги изладиле). Слаткото чувајте го на суво и темно место.